Песокот како пепелник: За две недели на холандските плажи се собрани речиси 30.000 отпушоци

472
Фот: EPA/DEAN LEWINS

Волонтери собрале 6.081 килограм ѓубре и 27.854 отпушоци на холандските плажи во периодот од 1 до 15 август, објави денеска Фондацијата Северно Море, еден од организаторите на годишното чистење на плажите. Во акцијата учествуваа 1.827 волонтери.

Фондацијата оценила дека бројот на фрлени отпушоци покажува дека е неопходно да се забрани пушењето на плажите, пишува „NL Times“.

„За жал, голем број луѓе ги користат плажите како пепелници“, изјави директорот на Фондацијата Вике Постма. Таа истакна дека отпушоците се најчестиот облик на ѓубре што може да се најде на плажите и додаде дека се исклучително штетни за животната средина.

„Еден отпушок може да загади до 1.000 литри вода, содржи 95 отсто пластика и е полн со токсични материи“, рече таа и ја повика холандската влада да го забрани пушењето на плажите.