„Се работи за сложен процес, кој може да потрае и неколку месеци и затоа се случува да не се заокружи тој пред почетокот на нова учебна година. Тоа е така поради разни причини, се случува за одреден предмет да нема интерес за доставување ракописи од страна на автори и потоа целиот процес мора да се повтори. Проблем настанува и во немањето рецензенти, кои ја имаат клучната улога во давањето мислење за ракописите“, велат за ВЕЧЕР од МОН. Оттаму без конкретен одговор колку и кои учебници нема да стигнат до учениците во септември
Дали Министерството за образование и наука е подготвенo за стaртот на учебната 2023-2024 година што се однесува на прашањето за учебниците за основното и за средното образование? Како што наближува почетокот на новата учебна година, а откако минатата помина со недостиг од повеќе учебници, ова прашање си го поставуваат и родителите и наставниците, и деновиве побаравме одговор за него и од МОН. Како што посочуваат за весникот ВЕЧЕР, оттаму постапката за изработка и за одобрување учебници е уредена со Законот за учебници во основното и во средното образование.
„Се работи за сложен процес, кој може да потрае и неколку месеци и затоа се случува да не се заокружи тој пред почетокот на нова учебна година. Тоа е така поради разни причини, се случува за одреден предмет да нема интерес за доставување ракописи од страна на автори и потоа целиот процес мора да се повтори. Се случува и да се достават ракописи за кои рецензентските комисии ќе побараат извесни корекции по кои мора да постапат авторите, што, исто така, го пролонгира завршувањето на постапката. Проблем настанува и во немањето рецензенти, кои ја имаат клучната улога во давањето мислење за ракописите. Потоа следуваат разгледување и одобрување од Националната комисија за учебници, па техничко уредување, печатење и испорака“, велат за ВЕЧЕР од МОН.
На нашето прашање, пак, колку и кои учебници потребни за основното образование нема да бидат испечатени и дистрибуирани до училиштата, односно учениците во септември, од Министерството за образование и наука не дадоа конкретен одговор.
Оттаму велат дека сите учебници што се досега одобрени во основното и во средното образование, навремено ќе се испорачаат до училиштата.
„За секој од останатите учебници, ситуацијата може да биде различна поради причините што ги наведовме погоре и оттука не би можеле да посочуваме конкретни рокови кога би биле изработени и испечатени“, одговорија од МОН.
Минатата година имаше многу реакции во јавноста околу учебникот Историја и општество за V одделение, подготвен според новата Концепција за основно образование, кој беше доставен до учениците во декември, по што во него се утврдија многу грешки и нелогичности. Тој беше повлечен од наставата пред крајот на учебната година, а од МОН побаравме одговор за тоа до каде е постапката за изработка на нов учебник.
„Во однос на учебникот по предметот Историја и општество за V одделение во деветгодишното основно образование, информираме дека тој беше повлечен од употреба со решение од 24.4.2023 година. По завршување на рокот за жалбена постапка (поднесување жалба од авторите), на 25.5.2023 е објавен повик за искажување јавен интерес за формирање авторски тим за изработка на ракопис за учебник, на кој се пријави еден авторски тим и истиот, за кој е изготвено решение за формирање авторски тим на 15.6.2023 година, кој во рок од 60 дена од денот на формирањето до Педагошката служба треба да достави ракопис. Така што, постапката е во тек“, велат за ова прашање од МОН.
Од надлежните побаравме одговор и за учебниците по странски јазици, бидејќи дел од основците и наставниците веќе неколку години се соочуваат и со нивен недостиг.
„Исто така, и учебниците по странски јазици се во постапка. Постои предизвик со учебниците по предметот Руски јазик за шесто, седмо, осмо и за деветто одделение во деветгодишното основно образование, за што на првичниот повик не е доставено ниту едно барање за одобрување учебник. МОН – Педагошка служба објави повторен јавен повик за Руски јазик на ден 31.7.2023 година, со краен рок за доставување на барањето – 17. 8.2023 година“, посочија од Министерството.
Ако се чини дека има проблем со учебниците во основното образование, изгледа, постои поголем во средното стручно образование. Веќе неколку години, наставниците се соочуваат со сериозен недостиг на учебници по многу предмети.
„МОН и Педагошката служба ставаат фокус и на учебниците во средното образование, особено во стручното, каде што изминатата и оваа календарска година одобрени се над 150 учебници по различни предмети, а голем дел се и во постапка на изработка“, ни образложија од МОН за ова прашање.
Сега останува само да видиме дали учениците ќе ја започнат новата учебна година со поголем број книги на своите клупи за разлика од минатата.
Но, ако е неизвесна ситуацијата со учебниците, сосем е извесно дека во новата учебна година за првпат учениците, покрај зимски, ќе користат и пролетен распуст.
Во јули, Владата, на предлог од Министерството за образование и наука, одлучи во периодот од 29 април до 5 мај 2024 година учениците да бидат на пролетен распуст.
„Учебната 2023-2024 за основците и за средношколците ќе почне на 1 септември, а првото полугодие ќе заврши на 29 декември 2023 година. Од 30 декември, учениците ќе користат зимски одмор, а второто полугодие почнува на 22 јануари. Учебната година ќе трае до 17 јуни, а летниот одмор почнува на 18 јуни и завршува на 31 август 2024 година“, соопштија од МОН. (Н.И.Т.)