110 ГОДИНИ ОД БУКУРЕШКИОТ ДОГОВОР – Сеништата од минатото надвиснуваат над Македонија, земјава повторно на „менито“!

Букурешкиот договор, како најголемото злосторство извршено врз Македонија и македонскиот народ, и по 110 години не нè остава на мира. Реалноста во која денес живееме во 2023 година не се разликува многу од времето во 1913 година, од времето на поделби и распарчување на Македонија помеѓу соседните земји, со само еден позитивен момент, а тоа е нашето членство во НАТО и заштита на остатоците од Македонија од најсилниот воен сојуз во 21 век, вели претседателот на Македонски концепт, Петар Богојески, во изјава за весникот ВЕЧЕР.  -Чувството е како сеништата од минатото повторно да оживуваат и се надвиснуваат над нашата држава, особено по францускиот предлог за дефинирање на пристапната рамка за членство во ЕУ, со закани од нови поделби и територијални претензии кон Македонија, вели тој

826
Букурешката поделба формално ќе биде укината со обединување на сите делови на Македонија во рамки на обединета Европа, вели претседателот на Македонски концепт, Петар Богојески, во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Барањата на македонскиот народ да се зачува идентитетот, единството и целината на македонската територија, не наишле на слух кај големите сили во 1913 година и дошло до погубното распарчување на Македонија, а денеска, 110 години по Букурешкиот мировен договор, во 21 век, Македонија повторно се соочува со негирање на идентитетот, јазикот и историјата, која повторно ја пишува „посилниот“. Иако сакаме да мислиме дека живееме во друго време, предизвиците од пред повеќе од еден век и сега ја демнат и ѝ се закануваат на земјава. Претседателот на Македонски концепт, Петар Богојески, во изјава за весникот ВЕЧЕР, вели дека Букурешкиот договор, како најголемото злосторство извршено врз Македонија и македонскиот народ, и по 110 години не нè остава на мир. Реалноста во која денес живееме во 2023 година, не се разликува многу од времето во 1913 година, од времето на поделби и распарчување на Македонија помеѓу соседните земји, со само еден позитивен момент, а тоа е нашето членство во НАТО и заштита на остатоците од Македонија од најсилниот воен сојуз во 21 век. Според него, букурешката поделба формално ќе биде укината со обединување на сите делови на Македонија во рамки на обединета Европа.

Петар Богојески, претседател на Македонски концепт

– Чувството е како сеништата од минатото повторно да оживуваат и се надвиснуваат над нашата држава, особено по францускиот предлог за дефинирање на пристапната рамка за членство во ЕУ, со закани од нови поделби и територијални претензии кон Македонија. За жал, за само неколку дена, политичари и општественици од Србија, Албанија, Грција и Бугарија искажуваат повторно отворени аспирации кон Македонија. Тука јас лично вината ја гледам кај нас Македонците, преку изборот на неспособни политичари, континуирано ги покажуваме слабостите во надворешната и внатрешната политика. Факт е дека во моментов има обид да нè вратат во 19 век и пред Букурешкиот договор, но за среќа им се гледа крајот на тие бандитски структури, кои ќе бидат поразени и Македонија со нови сили ќе зачекори кон 22 век. Ние како партија Македонски концепт веќе имаме визија за Македонија по 50 години, а тоа е пред сè следното големо обединување на современата македонска нација, проследено со обединувањето на Македонија во рамките на ЕУ, вели Богојески во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Тој истакнува дека поделбата на Македонија е руски проект, а најголем протагонист во спроведување на таа политика беше Бугарија, која е предлагач и потписник и на низа преддоговори кон Букурешкиот, со кои пред започнување на Балканските војни договара злосторства врз етничките Македонци во тогашната турска провинција Македонија.

– Бугарите неспорно дека извршија етноцид врз сите етнички Македонци во обид да ги инкорпорираат во современата бугарска нација, особено за време и после советската диктатура на Тодор Живков. Тие и денес одбиваат да ја признаат реалноста за македонскиот етнос, сведувајќи го на ниво на територијален идентитет, а сè уште некои од нивните политичари ја сонуваат санстефанска Бугарија. Од тие кои ја делеле Македонија, само Србите се соочиле со реалноста, по долги години насилна асимилација врз Македонците, направиле промена и одлучиле подобро браќа Македонци од колку крвни душмани „јужносрбијанци“. Од тој момент до денес, ние изградивме вистинско пријателство помеѓу двете земји и два народи. Денес Македонците пристојно живеат во Србија, но сè уште не сме слободни да го користиме македонскиот манастир Прохор Пчињски, без разлика дали е под јурисдикција на СПЦ и после делумното затворање на т.н. црковно прашање, вели претседателот на Македонски концепт, Петар Богојески.

Во однос на западниот сосед, Богојески вели дека Албанија не оспорува постоење на етнички Македонци на своја територија, иако ги остави да живеат во неподносливи услови за живот и економско ропство, што ги присили на масовно иселување од деловите на Македонија кои потпаднаа под таа држава.

 -Буквално извршија економски геноцид врз нашите Македонци. Грците, после страшниот геноцид во Граѓанската војна 1946-49 година, започнуваат да ја констатираат реалноста после потпишувањето на Преспанскиот договор, особено во обидот да ги инкорпорираат повеќеслојните типови на македонски идентитети, кои денес постојат во егејскиот дел на Македонија, во националниот грчки идентитет, но како македонски. Се надевам за кратко ќе започне сличен процес како со Србите пред многу децении и со Грците ќе станеме искрени пријатели, со кои споделуваме низа вредности, вели Богојески.  

Промена на границите согласно Букурешкиот договор

Букурешки договор е потпишан на 10 август 1913 г. помеѓу завојуваните страни во Втората балканска војна: Србија, Црна Гора, Романија и Грција од една страна и Бугарија од друга страна. Македонија била поделена на тој начин што нејзиниот најголем дел, односно Егејскиот, го добила Грција, Вардарскиот дел го добила Србија, а Пиринскиот ѝ бил даден на Бугарија. Албанија добила 1.115 км2 во западниот дел. Помеѓу делегатите присутни на тој погубен ден за Македонија, немало претставници од Македонија, иако земјава била на „менито“ на маса и се одлучувало за нејзината иднина. Со распарчувањето во Букурешт, Македонија од централен и најзначаен дел од Балканот станала периферија на Балканот. Веднаш потоа започнало асимилирање на македонското население во Јужни Срби, Бугари, Славофони Грци и Албанци. Дури и во пребројувањето на жртвите и загубите во Втората балканска војна, Македонците не се споменувале, иако војната главно се водела во Македонија. (В.С.Н.)