Владата на Британија испраќа тим да им помогне на своите државјани да го напуштат Родос

777
EPA-EFE/DAMIANIDIS LEFTERIS

Британското Министерство за надворешни работи ангажираше тим за брз одговор составен од пет претставници на Министерството и четворица членови на британскиот Црвен крст со задача да им помогне на Британците кои се наоѓаат на Родос да го напуштат грчкиот остров каде беснеат пожарите, потврди денеска портпаролот на британската влада.

– Активно ги следиме пожарите на Родос и сме во близок контакт со локалните власти, изјави портпаролот на британската влада, пренесува Ројтерс.

Според портпаролот, нивна задача ќе биде да обезбедат поддршка на Родос на британските граѓани чија безбедност е главен приоритет.

„Тие ќе бидат стационирани на меѓународниот аеродром во Родос“, соопшти Министерството за надворешни работи на Велика Британија.

На Родос веќе шести ден беснее силен шумски пожар кој започна во вторникот во централниот дел и стигна до брегот во југоисточниот дел на островот. Пожарот „експлодирал“ вчера на запалениот рид, каде поради ветровите што удирале од сите страни се создало огнено торнадо.