Мозочниот удар претставува итен медицински случај, па затоа треба и итно да се дејствува. Како што појаснува за весникот ВЕЧЕР физиотерапевтот Илија Жежов, до мозочен удар доаѓа кога има ненадеен прекин во снабдувањето со крв на мозокот, а дотокот на кислород и на хранливи материи во мозокот е прекинат и мозочните клетки се оштетуваат или се уништуваат. Рехабилитацијата кај пациентите со мозочен удар може да трае и до две години
Топлото време и портокаловата фаза во која деновиве се најде Македонија, но и целиот европски континент, предизвика појава на зголемен број мозочни удари. Покрај ангажманот на лекарите од Брзата помош навреме да се интервенира кај овие пациенти и да се однесат на болничко лекување, во овој процес на лекување неопходно е да се вклучуваат и физиотерапевтите, кои треба да ги санираат последиците од овие состојби, бидејќи мозочниот удар е еден вид мозочна повреда и можно е да има парализи на одредени делови од телото. Рехабилитацијата кај пациентите со мозочен удар може да трае и до две години.
Мозочниот удар претставува итен медицински случај, па затоа треба и итно да се дејствува. Како што појаснува за весникот ВЕЧЕР физиотерапевтот Илија Жежов, до мозочен удар доаѓа кога има ненадеен прекин во снабдувањето со крв на мозокот, а дотокот на кислород и на хранливи материи во мозокот е прекинат и мозочните клетки се оштетуваат или се уништуваат. Според него, рехабилитацијата може да трае долг период, зависно од степенот на мозочниот удар. Неопходна е рана физикална терапија, која вклучува кинезитерапија, индивидуални вежби со физиотерапевт, вежби за координација на рамнотежата, мануелна масажа на одземената страна и целото тело.
– Треба да се имаат план и програма за рехабилитација, како и методи за работа со пациентот во средната фаза на физиотерапијата, како и крајна завршна фаза на терапија – вели дипломираниот физиотерапевт Жежов.
Тој појаснува дека постојат два типа мозочен удар: исхемичен и хеморагичен.
– Исхемичниот удар е резултат на блокирано место во некој од крвните садови во мозокот и е најчест тип удар кај пациентите. Ваквиот удар може да биде тромбичен или емболичен. Важно е да знаете дека до тромбичен удар доаѓа кога се формира грутка згрутчена крв во крвниот сад, која се зголемила толку многу што сосема го блокирала крвниот сад. Додека до емболичен удар доаѓа кога се формира грутка згрутчена крв на друго место во телото и патува до мозокот. Кратките минливи исхемични напади Transient Ischaemic Attacks – TIA се често пати знак на предупредување дека, можеби, наскоро ќе дојде до мозочен удар. Иако симптомите може брзо да исчезнат, навременото лекување е од витално значење за да се спречи друг мозочен удар – објаснува Жежов за весникот ВЕЧЕР.
Според него, знаците на предупредување за мозочен удар и за минлив исхемичен напад може да бидат еден или неколку од следниве, и тоа: слабост или парализа на лицето, раката или на ногата, лоша координација или рамнотежа, тешкотии со зборувањето или разбирањето, тешкотии со голтањето. Последиците од овој удар може да се манифестираат и како проблеми со видот – заматен вид, дупло гледање или губење на видот, но и спазми, одземеност и губење на чувството на едната страна од телото.
– Негата по констатацијата на мозочниот удар вклучува физикална терапија. Првите 7, 14 и 21 ден се сметаат за критични денови за повторна појава на втор или на трет удар. Се прави испитување за да се откријат типот на мозочниот удар, местото на оштетување и колку бил сериозен ударот за може да се постави и дијагнозата. Исто така. се прави и скенирање на мозокот што е можно побрзо, бидејќи ваквата постапка може многу да помогне во одредувањето на дијагнозата. Се одредува медикаментозна терапија на лекови за да се разреди грутката крв тромболиза – предупредува Жежов.
Тој препорачува снимање со ултразвук на артериите во вратот и срцето, тест на крвта за да се проверат нивоата на шеќерот и на холестеролот. Задолжително е и препишување лекови за да се намалат крвниот притисок и холестеролот, како и таблети за намалување на ризикот од формирање грутки на згрутчена крв. По мозочен удар, најчести симптоми кај пациентите се проблеми со движењето, одењето, голтањето, проблем со јадењето, зборувањето, пишувањето и разбирањето.
Се отежнува и контролата врз мозочниот меур или дебелото црево. Може да се јават проблеми и со видот, чувство на одземеност – целосно или само од едната страна на телото. Се јавуваат и проблеми со слухот, вкусот и мирисот, како и емоционални и психолошки ефекти.
(В.Ма.)