Во Националниот музеј на фотографии „Маруби“ во северниот албански град Скадар, на 21 јули ќе биде отворена изложба на дела од познатите браќа Манаки од Битола – филмаџиите што го „набљудувале“ Балканот. Оваа активност се реализира во соработка со Државниот архив на Македонија – Одделение во Битола.
Како што посочуваат од музејот на својата фејсбук-страница, добрата соработка ја донела изложбата на делата на браќата Јанаки Манаки (1878-1954) и Милтон Манаки (1880-1964), чија колекција, чувана во Историскиот архив на Битола, содржи 6.702 стаклени негативи, 1.071 филмски ролни, 7.041 фотографски отпечаток, 3.867 документи и 49 камери и други материјали.
– Кинотеката на Македонија чува голем број филмови што ги реализирале со „камера 300“, по што се познати и како основоположници на кинематографијата во Македонија. Изложбата посветува особено внимание на подвижните популации, етнографските приближувања и на слични ритуали на народите на Балканот, кои ги наоѓаме рефлектирани во патувањата на браќата Манаки во регионот – наведуваат од музејот.
Инаку, изложбата, која ќе може да биде посетена до 5 ноември, е една од повеќето активности во рамки на манифестацијата „Култарт 2023″, во организација на Министерството за култура на Албанија.