Добороволци се грижат за безбедноста на капачите на Дебарско Езеро

80

На градската плажа на брегот на Дебарско Езеро за безбедноста на капачите се грижат двајца спасувачи на вода, кои истото го прават на доброволна основа. Според секретарот на Општинската организација на Црвен крст, Исни Телќиу, станува збор за двајцата млади Јон Батку и Валдет Челику, кои изразиле подготвеност без никаков надоместот да бидат ангажирани до крајот на август.

– На градската плажа, каде концентрацијата на капачи е најголема во изминатите пет години имавме повеќе спасувачи на вода. Првите четири години трошоците ги намируваше татковинското друштво „Дибра“ на нашинците во САД, додека минатата година тоа го направи локалната власт. Бидејќи до сега не го обезбедивме тоа, Јон и Валдет изразија желба и подготвеност тоа да го прават на доброволна основа – рече Телќиу. 

Моментно, поради високото ниво на водата на езерото мал е бројот на капачите, но периодот кој следува, кога се очекува во општината да допатуваат печалбарите и нивните семејства, како и поранешни и сегашни жители во селските населени места, како и изминатите години, нивниот број ќе биде многу поголем.

Во летниот период, на брегот на езерото, главно на градската плажа, дневно се разладуваат стотици капачи, а за време на викендите многу повеќе.