Придружувана од симфонискиот оркестар на Македонската опера и балет и под диригентската палка на Чипријан Теодорашку, романската сопранистка Георгиу, пред присутните ги изведе најубавите арии на Пучини, Верди, Прокофјев, Брамс, а нејзината изведба беше наградена со бурни овации и аплаузи. Покровителот на фестивалот, претседателот Стево Пендаровски, од сцената порача дека не постои ништо поважно од континуитетот во градењето на институционалната меморија на нацијата. „Охридско лето е парадигма за токму таквиот континуитет, кој преку својот шеесет и три години грижливо архивиран и развиван институционален капитал остава темелни траги во меѓународната размена на културни и уметнички вредности“, истакна Пендаровски

Светската оперска дива Анџела Георгиу, со својот магичен глас и спектакуларен настап завчеравечер приреди незаборавна вечер за публиката во Античкиот театар, отворајќи ги вратите на 63. издание на најголемата културна манифестација во државата  “Охридско лето“. Придружувана од симфонискиот оркестар на Македонската опера и балет и под диригентската палка на Чипријан Теодорашку, таа пред присутните ги изведе најубавите арии на Пучини, Верди, Прокофјев, Брамс…, а нејзината изведба беше наградена со бурни овации и аплаузи. Публиката со посебен пиетет го проследи настапот на романската сопранистка која стана дел од традицијата на Охридско лето, долга 63 години.

Фестивалот претходно за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот Стево Пендаровски, кој потсетувајќи на зборовите на Блаже Конески дека духот не може лесно да се потчини, ниту да се вкалапи, следствено, ниту уметникот и неговото дело, на уметниците, учесници на фестивалот, им посака слободна мисла, но и преку своите креации да го преобликуваат и да му дадат поинаква суштина, барем за миг, на она што е гнило и проблематично во светот.

„Токму во тоа е значењето на гласот на уметникот – да укаже на она што ги повредува луѓето и да ги истакне нашите доблести кои бездруго ги имаме повеќе од нашите пороци. Повеќе од шест децении ‘Охридско лето’ е местото каде што пристигнуваат најрелевантните уметнички продукции од сите страни на светот. Со комуникација на човековите искуства, артикулирани низ различните уметнички форми, можеме длабински да ги согледаме сите битни социо-културни движења. Особено, кога станува збор за можноста која ја дава програмата и концептот на Охридско лето, имено, размислувањата за акутните состојби кои ги засегаат луѓето, да се вкрстат преку различните уметнички изрази со потекло од најразличните културни контексти“, истакна Пендаровски. Тој додаде дека не постои ништо поважно од континуитетот во градењето на институционалната меморија на нацијата.

„Фестивалот Охридско лето е парадигма за токму таквиот континуитет, кој преку својот шеесет и три години грижливо архивиран и развиван институционален капитал остава темелни траги во меѓународната размена на културни и уметнички вредности“, додаде Пендаровски, истакнувајќи дека во древниот Охрид се чува античкото, но, се создава и вреднува и современото.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, пак, во своето обраќање ги истакна заложбите на, како што рече, создателите на „Охридско лето“, луѓе со огромна визија, со бескомпромисна љубов и со неизмерна почит кон македонската акустична култура и уметност.

„Претпоставувам дека на тој пат тие тргнале  ’вооружени’ со храброст и трпение да му се спротивстават и на сомнежот, можеби и на потсмевот, на суетите, и на прогнозите за краток век на идејата да се роди нешто големо и нешто што ќе трае, рече Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека фестивалот „Охридско лето“ се етаблира во редот на најдобрите пет елитни фестивали во Европа.

Министерката за култура ја нагласи важноста на уметноста и, како што рече, во свет во кој секојдневно ударни наслови се лошите и лажните вести, вестите од културата одат сè подолу, до невидливост.

„За среќа, оптимистите и уметниците вестите ги читаат со поинаков редослед. Тие знаат дека без уметноста, животот би бил неподнослива празнина“, додаде таа, нагласувајќи дека токму седиштата од камен на Античкиот театар се сведоштво дека културата кај нас има стар датум.

Пораката од Античкиот театар, во име на уметниците, ја упати Бисера Чадловска, која рече дека Охридско лето повторно ќе биде медиум преку кој ќе говорат инспирацијата и креацијата, пренесени од интерпретацијата на уметниците, чија суштина на постоењето e перформативниот израз пред публиката.

„Музичките и театарските уметници кои оваа година ќе застанат на сцените на кои сите изминати години се градеше приказната за Охридско лето, „Св. Софија“, Долни Сарај, Античкиот театар, ќе ја продолжат трансмисијата на уметноста, во чија суштина почива естетското, чувственото, возвишеното…“ рече таа.

Наредните 40 дена на сцените на Атичкиот театар, црквата „Св. Софија“, нејзиното предворје, Долни Сарај, Центарот за култура „Григор Прличев“, но и други интересни локации низ градот ќе се случуваат извонредно атрактивни културни настани, врв во уметноста во светски рамки. Вљубениците во уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 34 концерти и седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга. На фестивалот ќе настапат повеќе од илјада уметници од над дваесет земји од светот.

Костадиновска-Стојчевска ги искара  охридските угостители: Не им наплаќајте на светските уметници како за воена отштета!

Министерката Костадиновска-Стојчевска на отворањето на Охридско лето им се обрати и на охридските угостители.

„Летната сезона во Охрид не трае долго и затоа квалитетот, а не квантитетот му прилега на овој древен и скапоцен македонски град. Токму затоа би сакала да пренесам една порака. Поради Охридско лето и годинава на гости ќе ни дојдат многубројни уметници од целиот свет, ги замолувам угостителите да не им наплатуваат како да треба да наплатуваат воена отштета или некои други ненамирени долгови од векови наназад. Ако овие зборови на луцидниот Душко Радоњ допрат до нашите домаќини, им благодарам”, рече министерката.

 „Второ отворање“ на 26 јули со Џон Малкович

Директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ, на прес-конференцијата, со која го најави 63. Издание, посочи дека фестивалот годинава има големо име и во делот на драмската програма, посочувајќи го настапот на американската ѕвезда, светски познатиот актер, продуцент и режисер Џон Малкович, кој пред публиката во Охрид ќе се претстави на 26 јули.

„Американската филмска ѕвезда со проектот во режија на Михаел Штурмингер ‘Вечер на Џон Малкович’ во придружба на сопраните Чен Реис и Сузан Лангбеин и оркестарот на Виенската академија е најексклузивниот гостин, кој ќе се запише во листата на најголемите уметници, кои настапиле низ фестивалската историја на

Регионалната ѕвезда Милош Биковиќ на затворањето на фестивалот

За затворање на фестивалот, jа имаме најголемата регионална ѕвезда, актерот Милош Биковиќ. Тој ќе настапи во претставата “Лагата“ од Флоријан Зелер, во режија на Никола Љуца, а во продукција на Белградскиот драмски театар. Оваа претстава на програмата е на 20 август, во 21 часот, во Античкиот театар.

Покрај Милош Биковиќ во претставата играат и Тамара Крцуновиќ, Миодраг Радоњиќ и Јелисавета Теодосиќ.

„Мојата намера е да создадам претстава која живее во моментот со внимателно избрани актери, кои ја заведуваат публиката да гледа (само) забавна и провокативна комедија за модерниот живот…“, вели режисерот Љуца. (Д.Т.)