Скопски Плански Регион: Да се расформира Комунална Хигиена              

53

Дел од градоначалниците што учествуваа на итната седница на Скопскиот Плански Регион, побараа да се расформира ЈП Комунална Хигиена и да има предавање на ингеренциите и механизацијата на општините. Тие најавија кривична пријава за загрозување на здравјето на граѓаните против Данела Арсовска ако ЈП „Дрисла“ не ги отвори рампите и ако не се пуштат камионите со кои општините сами го собираат отпадот.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, посочи дека ставот за расформирање на Комунална Хигиена и за предавање на ингеренциите и механизацијата на општините е заеднички.

– А тоа беше и согласување од страна на градоначалничката пред неколку месеци, која го изнесе на еден од состаноците како став дека треба да се расформира Комунална Хигиена и да ни се предадат надлежностите нам. Ние сметаме дека со многу помалку ресурси за она што го плаќаат граѓаните, ќе овозможиме многу поквалитетна услуга од оваа услуга што ја нема денеска – рече тој.

Ѓорѓиевски го негираше соопштението на ЈП „Дрисла“ дека на Општина Кисела Вода договорот ѝ е истечен во март годинава, тврдејќи дека поседуваат финансиска картичка за фактури што, како што рече „ни стигнува месеци наназад од Дрисла и се уредно платени“.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, изјави дека при консултациите со останатите градоначалници, увиделе дека немаат капацитет како општина, а ниту финансиски ресурси колку што има Градот Скопје за да го решат ова.

– И притоа, кога се понудивме малку колку што можеме да помогнеме за да не почне да се разболуваат и животинчињата што ги имаме во градот, да не почнат да се разболуваат граѓаните и нашите деца, ни велат, тоа ѓубре вие што сте го собрале, не може тука да го донесете. А каде да го донесеме? Сопственост на некое семејство е јавното претпријатие „Дрисла“? Приватен објект е? Јавно е ваше, наше, на сите вас претпријатие – рече тој.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, исто така, посочи дека проблемот е заеднички и не треба да се политизира.

– Станува збор за граѓаните и за нивното здравје и треба што поскоро да се најде решение. Решението е што побрзо да се изменаџира ситуацијата во градот, заедно со комуналното претпријатие и неговите вработени. Додека тие не го решат тоа, нашето првично барање е рампите во „Дрисла“ да се дигнат за да можеме ние да функционираме како општини – рече тој.

Барањето на градоначалниците е додека не се најде решение да се отстрани целосното ѓубре, итно да се кренат рампите за нивната механизација да продолжи со работа.

– Не можеме целосно да отстраниме сè поради тоа што немаме механизација за оние поголеми контејнери што се на тротоарите и подземните контејнери, но имаме доволно механизација да го отстраниме целото ѓубре што е покрај контејнерите, но и покрај оние помали контејнери каде што имаме механизација за нивно подигнување – рече Герасимовски.

На седницата беше донесен и заклучок со кој Скопскиот Плански Регион бара од Владата, доколку не може да се реши проблемот на ниво на Градот, да се вклучи во неговото решавање. Владата не може да интервенира преку одземање на ингеренциите на претпријатието, затоа што ЈП Комунална Хигиена е основано од Град Скопје, а не од Владата или Собранието. За судбината на ова претпријатие во Скопје може да реши единствено градоначалничката Данела Арсовска.