Новата учебна година ќе има пролетен распуст, ќе заврши на средината на јуни?

328

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека за десет дена МОН ќе излезе со став дали ќе има поместување на почетокот на учебната година од стандардниот термин 1 септември. Најави дека наредната недела пред Комисијата за човечки ресурси ќе ги претстави трите предлози за почетокот и за завршувањето на учебната година.

-Ќе бидат вклучени униите на средношколците, но исто така и синдикатите, за членовите на Комисијата да ги слушнат мислењата. Мислам дека во рок од десет дена ќе имаме конечен став кој од предлозите ќе биде прифатен – изјави Шаќири, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на форумот за реорганизација на училишната мрежа.

Првиот предлог до МОН е учебната година да почнува како и досега – на 1 септември, вториот е да почнува на 11 септември, без пролетен распуст, и да трае до средината на јуни, третиот предлог е да почнува на 1 септември, да има пролетен распуст од пет дена и учебната година да завршува на средината од јуни.

За дискусија за предлозите има зелено светло и од СОНК. Веќе информиравме дека претседателот на Синдикатот, Јаким Неделков, смета дека се потребни издржливи аргументи за секој предлог. Но, и самиот вели дека светот се менува и оди напред, а Македонија мора да ги следи позитивните промени.

Некои наставници, пак, сметаат дека со доаѓањето на јуни, учениците се поопуштени и помалку продуктивни.

– Тоа се покажа токму оваа година. Во деновите кога се доучуваше, по 10 јуни, децата немаа никаков интерес. Испрашувањата беа завршени, оценките заклучени. Одењето на училиште беше повеќе проформа, за дружење – изјави неодамна за весникот ВЕЧЕР наставник од основно училиште.

Тој тогаш ја отвори и дилемата кога, доколку трае учебната година до крајот на јуни, би биле уписите на деветтоодделенците за средните училишта. Дали би се поместиле тие за во јули?

Инаку, учебната 2022-2023 година за првпат заврши различно, односно за средношколците на 9 јуни, а за основците на 14 јуни. Учениците во основното образование доучуваа, бидејќи беше продолжен зимскиот распуст за неколку дена.

Министерот Шаќири, во врска со реакциите во јавноста и кај наставниците дека во новата наставна програма по предметот Македонски јазик за шесто одделение е изоставена темата за историјата на македонскиот јазик, односно дека ќе се изучува таа во погорните одделенија, одговори дека не е стигната реакција до неговиот кабинет.

– Но, од овој момент, штом има проблем, јас ќе ги повикам. Но, на истиот состанок ќе треба да бидат присутни и претставници на Бирото за развој на образованието, како институција што ја има предложено програмата за тој предмет – рече министерот Шаќири.