Контрола врз локалните самоуправи поради незаконска пренамена на зелените површини

180

Државниот инспекторат за животна средина да врши контрола врз инспекторите – вработени во локалната самоуправа за непочитување на Законот за урбано зеленило и правење прекршоци што ги прават локалните самоуправи, како и со интегрирање на зеленилото на ниво на урбана заедница, односно секое маало да има локален парк – истакна Лилјана Поповска од Зелен институт на денешната дебата „Законски измени за урбано зеленило и урбанистичко планирање“

 

Да се подобри состојбата со зеленилото во градот преку законски измени и други интервенции, а со тоа и да се спречи појавата на топлински острови, да се намали загадувањето со стакленички гасови и да се подобри квалитетот на животот во Градот Скопје е целта на проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, во чии рамки денеска се одржа јавната дебата „Законски измени за урбано зеленило и урбанистичко планирање“.

За повеќе да не се губи зеленилото пред наши очи, се предлага усогласување на термините во законите за урбано зеленило и за урбанистичко планирање, како и во Правилникот за урбанистичко планирање, бидејќи, како што истакна Лилјана Поповска од Зелен институт, постои неусогласеност на урбанистичките термини поради новата законска урбанистичка регулатива, како и неусогласеност на термините за видовите зеленило.

Предложено е да се внесат експлоатирани термини за зелената инфраструктура, а Државниот инспекторат за животна средина да врши контрола врз самите инспектори вработени во локалната самоуправа, поради, како што наведе Поповска, непочитување на Законот за урбано зеленило и правење прекршоци што ги прават локалните самоуправи, како и со интегрирање на зеленилото на ниво на урбана заедница, односно секое маало да има локален парк.

Воедно се предлага од 25 квадратни метри, зеленилото по глава на жител да се зголеми на 50 квадратни метри, а на ниво на градежната парцела од 20 проценти, на 30 проценти, а исто така и да се зголеми обврската за садење компензациско зеленило.

– Исто така, предлагаме да се вметнат одредби во Законот за катастар во кои ќе се вклучи и Зелениот катастар со ажурирана геодетска подлога – прецизираше Поповска, најавувајќи дека до крајот на септември ќе излезат со нова верзија на предлог- измените.

Ана Петровска, експерт за животна средина и планирање на просторот и поранешен директор на Државниот инспекторат за животна средина, констатираше дека зеленилото магично се губи во процесот на урбанистичкото планирање.

– Инспирирани од тоа, направивме анализа каде, колку и зошто се губи зеленилото за да ги спречиме овие состојби во иднина. Тоа се прави со урбанистичкото планирање, кое е главниот клуч да се заштити зеленилото, односно урбанистичкото планирање треба да стане заштитник и гласноговорник на сите што се борат за урбаното зеленило – посочи Петровска.

Таа даде неколку примери каде што, и покрај забраната, противзаконски се пренаменуваат зелени површини за изградба на бетонски објекти. Како што наведе, таков е примерот со паркот кај хотелот „Бристол“ каде што, како што нагласи Петровска, ја снемало зелената површината за големи габаритни објекти, потоа кај ТЦ „Сити мол“, случајот „Настел“, како и во третиот дел од Градскиот парк, покрај реката Вардар, каде што, според Петровска, ќе никнуваат хотели.

– Тоа е еден од најважните коридори покрај реката Вардар, а ние го трошиме малку по малку додека целосно не го загубиме – потенцира Петровска.

Таа вели дека сето тоа се прави во интерес на инвеститорите, кои нарачуваат планерите свесно да ги прават овие урбанистички малверзации.

Кирил Ристевски од „Флорозон“, пак, направи анализа на Зелениот катастар на Град Скопје, кој исто така укажа на фактот дека се губи зеленилото, но и на тоа дека никој не е обврзан да го користи Зелениот катастар.

– За жал, Зелениот катастар не се употребува и на тој начин не е во состојба да ја исполнува својата функција – рече тој.

Даниела Димитриевска, претседателка на Македонското женско лоби, пак, го презентираше родовото сензитивното истражување за достапноста на јавните зелени површини до жените и до мажите, како и ефектите врз здравјето и благосостојбата. Од истражувањето на 150 испитаници се дошло до сознание дека луѓето сакаат да одат во природа,  39,5 проценти одат еднаш неделно, 11,6 проценти на две недели и 19 проценти еднаш месечно, а 21 процент секој ден, додека 8,8 проценти не одат во природа и дека за 126 од 150 испитаници природата претставува здравје, за 87 место за дружба со пријателите, за 78 – место за шетање на децата, за 77 сенка во лето, за 105 кислород, за 81 украс на населбата.

(А.П.)