Екипа на ЕВН ќе го санира дефектот во Слупчане, за нејзината безбедност гарантираат Бектеши и Арифи

99

Екипа на „ЕВН Македонија“, најбрзо што може, ќе го санира дефектот во селото Слупчане, по добиените гаранции од министерот за економија Крешник Бектеши кој, заедно со градоначалникот на Липково – Еркан Арифи, се договорил со жителите да не ги спречуваат екипите на „Електродистрибуција“ да работат и да започнат со проектот за реконструкција на мрежата и за поставување нови мерни системи, кои ќе овозможат точно мерење на електричната енергија.

Претходниот ден во доцните вечерни часови, лица од Слупчане насилно и противзаконски отвориле голем енергетски објект што ѝ припаѓа на „Електродистрибуција“, во обид сами да го вратат напојувањето со електрична енергија во селото, при што ги оставија жителите на соседните села Оризаре, Ваксинце и Лојане без електрична енергија.

– Дефектот во Слупчане ќе се санира за скоро време, по добиени гаранции од министерот за економија, кој заедно со градоначалникот на Липково, се договорил со мештаните за да не ги спречуваат екипите на „Електродистрибуција“ да работат и да започнат со проектот за реконструкција на мрежата и за поставување нови мерни системи, кои ќе овозможат точно мерење на електричната енергија – соопштија од ЕВН.

Во средата, жителите на Слупчане со запалени гуми го блокираа влезот во селото и не дозволија екипите на ЕВН да извршат интервенции. По самоволното противправно приклучување од страна на слупчанци, предизвикан е дефект од големи размери, кој ги остави и соседните села без струја. Од ЕВН ги оценија ваквите манипулации од нестручни лица како крајно небезбедни и дека може да имаат трагичен крај.

Проблемот во Слупчане се провлекува со месеци, поради кражбите на електричната енергија кои се околу 80 отсто, а наплатата е само 20 проценти. Жителите не дозволуваат да им се постават дигитални броила и го блокираат влезот во селото за екипите на ЕВН.