Заев, Спасовски, Пендаровски… кој ќе влезе во трка за нов претседател?!

267

Отвореност за граѓаните, заострена реторика, чести настапи во јавност ги најавуваат можните кандидати за шеф на државата за изборите кои треба да се одржат напролет. Впечатокот е дека најголемите партии веќе започнале со интерни анкети за расположението на членството. Во јавноста се шпекулира со неколку имиња, но за официјализирање на кандидатите сè уште е рано. Опозицијата се чини дека е повоздржана за изборите за шеф на државата – нивниот став е дека пред претседателските, неопходни се предвремени парламентарни избори.

Вистинска трка за симпатизери и поддршка меѓу членството има на „Бихаќка“, каде што се шпекулира за неколку евентуални кандидати за изборите за претседател. Во врска со тоа дали започнале внатрепартиски дискусии и консултации околу кандидатот со кој ќе настапи СДСМ на претседателските избори, генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, во интервју за „Фокус“ неодамна рече дека таа фигура треба да биде со исклучителна морално-политичка вертикала во себе.

„СДСМ ќе го избере најдобриот, победничкиот кандидат за претседателските избори, преку соодветна процедура. Секако дека ќе следуваат и консултации со нашите коалициски партнери. Уште од сега можам да најавам дека две работи се сигурни: прво, кандидатот на СДСМ ќе биде следниот претседател на државата; и второ, Македонија ќе има мирно море уште пет години, цврсто држејќи го кормилото на напредокот и државниот успех“, вели генералниот секретар на СДСМ.

И актуелниот претседател Стево Пендаровски не ја исклучува можноста да побара доверба за уште еден мандат, иако не одговара конкретно дали е заинтересиран за нов мандат.

„Не знам. Кога ќе дојде време веројатно ќе се изјаснам. Јас сум рекол – важна ми е поддршката од коалицијата која во 2014 година ми ја даде таа поддршка, не само од 2019, но далеку поважна ми е поддршката од граѓаните. Ако ја немам, нема да размислувам, но ако ја имам, можам да размислувам заедно со политичките субјекти кои би сакале во тој период да ме поддржат“,изјави неодамна Пендаровски.

Иако на големо се шпекулира дека Оливер Спасовски е фаворит за владејачката СДСМ, тој до сега официјално не ги потврдил овие информации. Во повеќе наврати изјавил дека како потпретседател на Владата но и на партијата, смета дека треба да се избере човек кој најголем број од граѓаните посакуваат да биде претседател. Она што сигнализира дека на Спасовски сепак, му значи да добие поголема поддршка од гласачите, е најновиот проект на Министерството за внатрешни работи, „Отворен кабинет“.

Спасовски од пред неполн месец ја започна праксата со непосредна комуникација со граѓаните преку „Отворен кабинет“. Првиот човек на македонската полиција цени дека во многу градови има луѓе кои имаат потреба да разговараат со министерот за внатрешни работи и дека „Отворен кабинет“ е одлична пракса.

„Отворен кабинет“ досега се реализираше во неколку градови во Македонија и според министерот Спасовски е одлична можност граѓаните да прашаат, да дадат одредена сугестија, или коментар за МВР.

Освен Спасовски и Пендаровски, во јавноста се шпекулира дека во СДСМ претседателски амбиции имаат и поранешниот премиер и партиски лидер Зоран Заев, како и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Од ВМРО-ДПМНЕ  нема шпекулации на оваа тема кој би бил евентуален кандидат за претседател на Македонија, но според наши информации најверојатно  ќе поддржат непартиски кандидат од академската јавност.

Следната година е изборна година. Пролетта треба да се одржат претседателски избори, а есента редовни парламентарни избори. Од власта речиси секојдневно потенцираат дека предвремени избори нема да има, и не ја исклучуваат можноста претседателските и парламентарните избори да се одржат заедно во 2024 година.

(Ј.Ц.Г.)