Се чека амин од советниците за поставување фотоволтаици над основните училишта

86

Советот на Општина Центар утре треба да даде зелено светло за предлог-одлуката за задолжување на Трговското друштво за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори „Енергија Центар“ ДООЕЛ Скопје. Станува збор за задолжување од 850.000 евра за поставување фотоволтаични системи на покривите на општинските основни училишта.

Во јули, предвидено е да се постават фотоволтаични системи на покривите на основните училишта „Кочо Рацин“, „Киро Глигоров“ и „11 Октомври“, а предвидено е да се стави во функција и донираната фотоволтаична централа во објектот „Пепелешка“ на детската градинка „Раде Јовчевски-Корчагин“

 

Советот на Општина Центар утре треба да даде зелено светло за предлог-одлуката за задолжување на Трговското друштво за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори „Енергија Центар“ ДООЕЛ Скопје. Станува збор за задолжување од 850.000 евра за поставување фотоволтаични системи на покривите на општинските основни училишта.

Доколку помине одлуката, управителот на „Енергија Центар“ ќе може да склучи и да потпише договор за заем или кредит со овластена финансиска институција, износ што ќе биде гарантиран од Општина Центар, по претходно добиена согласност од Министерството за финансии и од Советот на Општина Центар.

На утрешната седница, Советот на Општина Центар треба да даде согласност за поставување фотоволтаични системи на покривот на ООУ „Кочо Рацин“. Според годишната програма и финансискиот план на ТД „Енергија Центар“, во јули, освен во ООУ „Кочо Рацин“, за што се предвидени 139.968 евра, планирано е да се постават фотоволтаични системи и на покривите на основните училишта „Киро Глигоров“, за што се предвидени  272.160 евра, и „11 Октомври“, за што се предвидени 300.153.60 евра.

Во јули, предвидено е да се стави во функција и донираната фотоволтаична централа во објектот „Пепелешка“ на детската градинка „Раде Јовчевски- Корчагин“. Вкупната инвестиција во овој фотоволтаичен систем е 14.774.40 евра.

Инаку, овие системи би биле поставени со цел производство на електрична енергија од обновлив извор и покривање на потребите од истата на училиштата како јавни објекти во надлежност на Општина Центар.

Со годишната програма на ТД „Енергија Центар“, во првата година од неговото формирање се предвидува реализација на 46 проценти од вкупниот можен инсталиран капацитет на објектите според техно-економската анализа, што би бил доволен предуслов за заживување на друштвото и можност во наредниот период со сопствени средства да работи на целосно дооформување  и доизградба на системите на сите јавни објекти.

На дневен ред на утрешната седница на Советот на Општина Центар е и измена на планот на програми за развој со дополнување на вредноста на новата градинка во Пролет за 10 милиони денари, со што таа достигнува вредност од 3,2 милиони евра. Се зголемува за 4 милиони денари вредноста на реконструкцијата на градинката „Пинокио“ и 1 милион дополнување за реконструкцијата на улицата „Ленинова“.

(А.П.)