Според претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, предлогот на синдикатите е инфлацијата, која минатата година беше 14,5 проценти, да биде основниот параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор и сите да добијат процентуално зголемување на платите. Тие, исто така, бараат и враќање на платите на функционерите, а зголемувањето да биде исто за сите. Според Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикалните организации (КСОМ), новата владина методологија никој не може да ја разбере. Ристески вели, работниците бараат раст на платите од 100 евра, а власта нуди од 600 до 1.000 денари
Повторно не е постигнат договор меѓу синдикатите и Владата, на вчерашниот состанок на Економско-социјалниот совет. Предлогот на синдикатите е инфлацијата, која минатата година беше 14,5 проценти, да биде основниот параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор и сите да добијат процентуално зголемување на платите. Синдикатите бараат и враќање на платите на функционерите, а зголемувањето да биде исто за сите.
– Предложивме инфлацијата, која минатата година беше 14,5 проценти, да биде основниот параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор, од најниската категорија на работно место до највисоката, претседател на државата, и сите да добиеме процентуално зголемување на платите – кажа вчера претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Според него, прифатлив е моделот од две и пол години за да се добие методологија како во делот на минималната плата, со тоа што ќе има просечна плата по коефициент на сложеност по истекот на две години.
– Но, како ССМ, сметаме дека доколку од септември се случи тоа, да почне примената на општиот колективен договор за јавниот сектор, функционерските плати треба да се вратат на нивото пред одлуката на Уставниот суд и зголемувањето на платите да биде како за нив така и за работниците – рече Трендафилов.
Според Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикалните организации (КСОМ), новата владина методологија никој не може да ја разбере. Според него, покачување од 600 до 1.000 денари е неприфатливо за работниците и не сака да верува дека Владата само купува време со овие преговори.
– Убаво е да се донесе методологија за раст на платите, но за да се спроведе, треба да се сменат околу 20 закони, не е само да се донесе правилник и толку. Па ние во земјава земаме плата пресметана според 50 до 80 начини. Како ќе им објаснам на луѓето, тие штрајкуваат за 30 % повисоки плати?! Сега бараат 100 евра, а ние ќе им речеме, еве добивме 600 денари од Владата – реагира Ристески.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, клучно е да има системско решение во општиот колективен договор и да се дефинира динамиката на платите. Според него, има различни методи, разни модели, а последниот е минимална плата плус бодови, да нема коефициенти. Што се однесува, пак, до барањето на вработените од Управата за јавни приходи за повисоки плати за 30 проценти, тој објасни дека е различно, бидејќи во случајот со УЈП има нов закон и усогласување на посебни права и специфики на работење. Министерот информира дека од буџетот се двојат околу 960 милиони евра за плати во јавниот сектор. Десет проценти ќе значи скоро 100 милиони евра плус.
За Бесими, ова е една од најголемите реформи досега за платите во јавниот сектор и оти со закон или со колективен договор ќе се гарантира нивниот раст, а тоа што ќе се случи во јавниот сектор недвосмислено ќе се одрази и на платите во приватниот сектор. Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) велат дека на ЕСС била презентиранa методологијата за раст на платите во јавниот сектор со која се предлага нов транзициски период од 2023 до 2025 година, односно зголемување на платите во период од две и пол години. Според ресорното Министерство, овој период е прифатлив.
– Владините претставници ќе направат нови симулации согласно со понудените предлози од синдикатите – велат од ресорното Министерство, од каде што надополнуваат дека се подготвени за соработка.
Нова средба е закажана за утре, среда, во Министерството за финансии.
Битиќи: Не може да се споредуваат платите на функционерите, со платите на јавниот сектор
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Бетиќи тврди дека процентот што тие како Влада го нудат за зголемување на платите во јавниот сектор е поголем од процентот на инфлацијата за кои се борат синдикатите и бараат да биде клучен во пресметките. Тој е оптимист дека за овој проблем ќе се изнајде решение со синдикатите со кој што ќе има уште работни средби .
Што се однесува, пак, за дискусијата за платите на функционерите и предлогот на синдикатите да се вратат и да се пресметуваат по методологијата како што ќе се пресметуваат платите во јавниот сектор, Бетиќи смета дека тоа е неспоредливо, бидејќи се работи за 1.060 функционерски плати наспроти 136 илјади плати на вработени во јавниот сектор.
-Ова не е работа за дискусија, сепак решението што ќе го аплицираме ќе го дадеме за сите. За прв пат е даден ваков предлог треба да се разгледа, бидејќи во ова влегуваат вработени од институции кои што немаат свој синдикат кој што ќе ги застапува нивните интереси-кажа вчера Бетиќи и дополни дека за ова е потребно поголем општествен консензус, да се вклучат и судовите, обвинителство…
(В.Ма.)