Повторно поскапеа јогуртот, урдата и некои видови сирења што е многу, многу е!

Потрошувачите се жалат дека последниов месец забележале поскапување на јогуртот, урдата и некои видови сирења. И покрај тоа што власта тврдеше дека откако ќе одмрзнат цените на млечните производи нема да поскапат, сепак тоа не се случи. Упатените велат дека сега требаше да има одредено намалување на цените затоа што поевтини струјата, горивата и суровините, но низ маркетите ситуацијата е поинаква. Намалени цени нема, некои се задржани по старо, а некои отишле и нагоре

5487

Додека цените на храната на светските берзи се намалуваат, кај нас не само што не стагнираат, туку кај дел од производите може да се види како малку по малку се зголемуваат. Упатените велат дека сега требаше да има одредено намалување на цените затоа што поевтини струјата, горивата и суровините, но низ маркетите ситуацијата е поинаква. Намалени цени нема, некои се задржани по старо, а некои отишле и нагоре. Потрошувачите се жалат дека последниов месец забележале поскапување на јогуртот, урдата и некои видови сирења. И покрај тоа што власта тврдеше дека откако ќе одмрзнат цените на млечните производи нема да поскапат, сепак тоа не се случи.

Според познавачите на состојбите на пазарот, причината се новите измислени давачки од страна на трговците кој влијаеја на зголемување на цените на млечните производи иако реално се очекуваше да паднат поради намалување на цените на суровината – млекото, струјата.

-И покрај тоа што се очекуваше млечните производи да поевтинат поради падот на цената на струјата и зголемениот увоз на млеко од Србија и Босна и Херцеговина тоа не се случи. Освен поради одмрзнување на цените поскапувањето на млечните производи се должи на дополнителни давачки од страна на трговците. На тој начин тие сакаат да ги компензираат загубите кои ги претрпеа поради мерките и покрај тоа што сите мерки беа на товар на млекарниците, а трговците си остваруваа профит, вели за весникот ВЕЧЕР, Цветанка Стојаноска-Пешовска, претседател на Здружението на производители и преработувачи на млеко и млечни производи „Знак за квалитет“.

Според неа, се подготвува нов закон за потрошувачи со кој ќе се спречат трговците да наплатуваат дополнителни давачки кои ги зголемуваат цените на производите.

Во маркетите некои видови јогурт се поскапени од 5 до 7 денари, урдата е зголемена за 5 до 10 денари во зависност од производителот, а има зголемување на некои видови сирења.

Потрошувачите велат дека кашкавалот и овчото сирење за нив одамна се луксуз и кај овие производи не ги забележуваат промените на цените бидејќи ретко ги купуваат. Повеќе ги загржуваат цените на оние производи кои им се неопходни во секојдневната исхрана, млеко, јогурт, сирење…

-Јогуртот од 56 се качи на 63 денари, поскапена е и урдата и кравјото и козјото сирење. Освен јогурт и млеко треба и леб, месо… Веќе илјада денари не ни стигаат за дневно пазарење. Затоа почнавме да купуваме само тоа што е на акција, вели една купувачка во маркет.

Ова го потврдуваат и статистичките податоци, според кој за една година, односно овој во однос на ланскиот мај, трошоците за храна се зголемиле за 14,8 проценти, а во мај 2022 година во однос на мај 2021 година тие се зголемени за 17,4. Ова значи дека она што сме го купиле во мај 2021 година за 1.000 денари, во мај 2022 година чинело 1.174 денари, а во мај 2023 година чинело 1.348 денари.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека мерките на Владата немаат никаков ефект врз животниот стандард и оти за еден месец трошоците за храна се намалени само за нешто повеќе од 300 денари, а инфлацијата и натаму е двоцифрена и изнесува 11,3 отсто.

– На едно македонско семејство не му се доволни ниту една минимална и една просечна плата за да ги покрие месечните трошоци. Владините мерки со замрзнувањето на цените не дадоа ефект, бидејќи трошоците за храна се минимално намалени, односно нешто над 300 денари, што не е доволно. Дополнително, удар врз џебот на граѓаните е инфлацијата, која сè уште е двоцифрена и во мај изнесувала 11,3 отсто, поради што граѓаните стравуваат дека состојбата може да биде и полоша – изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, од Сојузот на синдикатите на Македонија.

Од Народната банка информираат дека очекувањата се инфлацијата да се намалува, но предупредуваат на неизвесност. Велат дека инфлацијата и натаму е висока и над историскиот просек, а базичната инфлација што сè уште е висока упатува на тоа дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната сè уште не се целосно исцрпени. Очекувањата за идната динамика на цените на примарните производи на берзите се засилуваат во надолна насока, но и натаму се проследени со неизвесност.

(А.С.)