Цената на квадратот и кириите до плафон – тешко до сопствен стан, уште потешко под закуп!

Цената на квадратот во Скопје се движи од 1.800 до 2.200 евра за квадратен метар, што значи дека стан од 50 квадрат треба да издвојат околу 100 илјади евра. И за минимално учество кое во зависност од фазата на градба се движи од 30 отсто па нагоре ќе им требаат околу 30 илјади евра. Поради тоа сè поголем број млади брачни парови изнајмуваат станови. Но, со пораст на квадратот расте и цената на изнајмувањето на становите. Во главниот град веќе не може да се изнајми стан под 200 евра

9505

Младите брачни парови се потешко доаѓаат до нов стан. Цената на квадратот во Скопје се движи од 1.800 до 2.200 евра за квадратен метар, што значи дека стан од 50 квадрат треба да издвојат околу 100 илјади евра. И за минимално учество кое во зависност од фазата на градба се движи од 30 отсто па нагоре ќе им требаат околу 30 илјади евра. Поради тоа се поголем број млади брачни парови изнајмуваат станови. Но, со пораст на квадратот расте и цената на изнајмувањето на становите. Во главниот град веќе не може да се изнајми стан под 200 евра. Според градежните експерти нема индиции дека цените на становите ќе почнат да се намалуваат. Напротив поради растот на цената на работната рака и на парцелите за градба чија цена се зголеми за 30 отсто се очекува растот да продолжи или во најдобар случај да стагнираат.

-Се поголем број граѓани изнајмуваат станови. Трендот од САД, Канада и Западна Европа каде над 50 отсто од населението живеат во изнајмени станови се префрли и во Македонија. Цените на кириите на становите од 40 до 60 квадратни метри, кои се најбарани, се движат од 200 до 300 евра, а наместените се поскапи за околу 100 евра. Во однос на цената на изнајмувањето, голема улога игра дали се работи за нов, стар или за реновиран стан, како и населбата. Најскапо се изнајмуваат становите во Центар, Аеродром и во Карпош. Се бараат станови и во Кисела Вода и во Чаир, но понудата во овие населби е многу мала, па поради тоа, становите што се изнајмуваат држат цена – вели за ВЕЧЕР Александар, сопственик на агенција за недвижности во Скопје.

Последниве години поради големиот пораст на цената на становите многу граѓани изнајмуваат станови. Од агенциите за недвижности велат дека најчесто изнајмуваат студенти, млади (дечко и девојка) кои сакаат да бидат самостојни, како и млади брачни парови.

-Сопствениците на становите ги даваат под кирија на минимум една година. Некои остануваат во становите година-две години додека не си купат сопствен, но има и такви кои во нив живеат подолго, велат од агенциите.

Градежниот експерт Никола Велковски вели дека за минимално учество, кое во зависност од фазата на градба се движи од 30 отсто па нагоре. Што значи дека за стан од 50 квадрат потребни се околу 100 илјади евра, односно 30 илјади евра за минимално учество.

-Ако уплатата се изврши порано кога станот е во почетна фаза на градба тогаш учеството е 30 отсто, а ако е во понапредна фаза односно карабина учеството е 50 отсто. Тоа значи дека за стан од 100 илјади евра ќе ви требаат околу 30 илјади евра за учество. Голем дел од инвеститорите немаат готови пари за да ги изградат зградите, но во секој случај е далеку поповолно да се купи стан во почетна фаза на градба отколку кога е веќе готов, вели за ВЕЧЕР, Велковски.

Според него нема индиции дека цените на становите ќе почнат да се намалуваат. Напротив поради растот на цената на работната рака и на парцелите за градба чија цена се зголеми за 30 отсто очекува да продолжи растот или во најдобар случај да стагнираат.

Инаку, според светската статистика, Македонија е во првите пет земји во светот по поскапување на становите. Вкупна инфлација е 20,6 отсто за последната година. Единствено Србија и Русија имаат поголемо поскапување на становите со 23,1 отсто и Турција, која е земја во светот со најголемо поскапување на становите од 167,9 отсто.

Колку за споредба, во земјите како Германија и Шведска се бележи намалување на цените за становите за нешто над 3,5 отсто во Германија и 3,7 отсто во Шведска. Во Кина исто така се бележи пад на цените на становите од 3,7 отсто, додека во Нов Зеланд цените на становите се намалени за 10,4 отсто.

во Македонија над една третина од становите се ненаселени, односно, од вкупно 839.174 станови, 531.987 станови или 63,4 отсто се населени, а 307.187 станови или 36,6 отсто се ненаселени.

(А.С.)