Сточарите мака мачат да најдат овчари. Велат дека и покрај високата плата што ја нудат, од 500 до 1.000 евра месечно, никој не се нафаќа да чува овци, крави… За да се реши проблемот кој постои подолго време, тие бараат државата да овозможи увоз на работна сила и во сточарството. Порано во Македонија доаѓаа овчари од Албанија, но сега и тие бегаат во Германија, Швајцарија, Италија, Хрватска… кои нудат повисоки плати.

– Во Македонија полесно е да најдеш директор или менаџер, отколку овчар. Секој може да биде овчар, ама не се нафаќа и покрај тоа што нудиме храна, сместување, цигари и чиста плата која се движи од 500 до 1.000 евра. Платата зависи од бројот на стадото и од тоа дали ќе ги молзе овците. Секако доколку ги молзе овците платата е повисока. Секој сака да работи 8 часа, додека овчарството бара 24 часа работа. Тоа е тешка работа, бидејќи е далеку од луѓето, во планина, само со овците, вели за ВЕЧЕР, Митко Јанков, претседател на здружението на сточари „Агроцентар“.

Освен овчари има недостиг и од мандраџии и работници за преработка на млеко и производство на сирење. Поради недостигот на сточари и во европските земји сега ги нема и овчарите од Албанија кои избегаа во Германија, Швајцарија, Италија, Хрватска… за повисоки плати.

– Голем дел од сточарите имаат проблем со наоѓање овчари. Апелираме до државата ако сака да се задржи сточарството да овозможи увоз на работна сила од Индија. Индијците се вредни луѓе и би сакале да работат како овчари. Ние ќе ги обучиме и ќе им дадеме храна, плата, сместување… Порано ангажиравме овчари од Албанија, но тие не се сигурни бидејќи често знаат да си отидат од државата и да не се вратат – додава Јанков.

Единствен проблем е што за работната сила којашто се ангажира во сточарството не се плаќа здравствено осигурување, но за сметка на тоа платата е повисока. Меѓутоа, голем дел од овчарите кои работат во државата се или пензионери или социјални случаи кои не сакаат да бидат осигурени.

Поради незаинтересираноста на младите да се занимаваат со оваа професија се  намалува сточниот фонд во државата. Оваа состојба трае подолго време и се заканува да го уништи традиционалното одгледување на животни. Сточарите размислуваат да ги симнат овците од планините и да се преориентираат на шталско чување. Тоа во многу случаи ќе значи и крај на традициите за подготовка на бело сирење во мандри, изумирање на старите рецепти и затворање на многу бизниси кои опстојуваат во оваа дејност.

Сточарите велат дека ситуацијата е алармантна и ако не се реши проблемот со работна сила ќе следи колапс на сточарството. Освен во Македонија, овчари се бараат и во другите европски земји, а платите кои се нудат не се за потценување. Но, сепак и за оваа работа предност се дава на оние кои имаат искуство.

(А.С.)