МОН побара од ДИЦ да ја лоцира одговорноста за „препишувањето“

72

Министерството за образование и наука побара од Државниот испитен центар, како надлежна институција за организирање на државната матура, да ја лоцира  одговорноста меѓу учесниците во спроведувањето на процесот, во однос на направениот пропуст при полагањето на вториот екстерен испит по англиски јазик. Реакцијата на МОН доаѓа откако викендов во повеќе медиуми излезе информацијата дека дел од матурантите кои го полагале тестот по англиски јазик од вториот екстерен испит од државната матура, си споделувале решенија преку вибер-група. Државниот испитен центар ги демантираше овие наводи, истакнувајќи дека матурскиот тест по англиски јазик не е пробиен.

– Тестовите не се пробиени до 10 часот кога почна тестирањето, тестовите се споделени во вибер-групите од страна на членовите откако започна реализацијата на испитот – соопштија викендов од ДИЦ.

Од МОН, пак, посочуваат дека иако не им бил достапен тестот на учениците пред полагањето, односно тој е споделен меѓу матурантите преку апликација за електронска комуникација за време на самото полагање, сепак, тоа е пропуст кој никако не требало да се случи и повлекува соодветна одговорност.

– По добивањето на информациите од ДИЦ, тие ќе бидат споделени со јавноста – соопштуваат од МОН.

Оттаму посочуваат и дека побарале од оваа година полагањето на испитите да се спроведува во поголеми простории во училиштата како, на пример ,во училишните сали и холови каде што би биле сместени сите матуранти што се пријавени за полагање државна матура и со присуство на повеќе тестатори и набљудувачи.

– Но, поради случувањата во ДИЦ, штрајкот на вработените непосредно пред датумите за спроведување на државната матура, тие не се случија. Така што очекуваме да се имплементираат промените во следната учебна година, со што ќе се намалат ризиците од можни нерегуларности кои би ја довеле во прашање веродостојноста на резултатите – додаваат од МОН.

Инаку, директорката на Државниот испитен центар изјави за една телевизија и дека немало забелешки од набљудувачите за неправилности во текот на полагањето.

– Државниот испитен центар го доставува материјалот до училиштето во предвидениот рок и му го предава на директорот на училиштето. Процесот во училиштата е спроведен од училишна матурска комисија која е формирана од училиштето, тестирачи и набљудувачи од образовните институции од Министерството за образование, Бирото за образование и Центарот за стручно образование. Како и дали имале мобилни телефони некои од матурантите, не би можела да одговорам – рекла директорката.

Со реакција за овој случај излезе и Комисијата за образование и наука на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде што посочуваат дека матурата не е спроведена како што треба.

– При спроведувањето на матурата, и оваа година повторно се потврди неспособноста на државните институции, но и на сите официјални учесници во процесот, за спроведување на обврските. Веста дека се пробиени тестовите по англиски јазик треба официјално да ја потврди ДИЦ, и директорката на ДИЦ тврди дека од ДИЦ не се излезени тестови, но излезените скриншотови од договарањата по вибер- групите се сигурен доказ дека матурата не е спроведена така како што треба. Според добиените информации, најмалку 7.000 средношколци препишувале, односно се договарале – велат во соопштението ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму посочуваат и дека слична била ситуацијата на испитот по македонски јазик.

– Сето ова укажува на комплетен распад на системот и на драстично менување на вредносниот систем како на учениците така и на учесниците во процесот на матурата. Очигледно е дека институциите веќе не се во состојба да си ги извршуваат обврските и потребен им е итен рестарт – додаваат од оваа партија.

На 10 јуни, во јавните средни училишта се реализираше вториот екстерен испит од државната матура во јунската испитна сесија. Матурантите имаа можност да избираат меѓу седум предмети: математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика. Првиот екстерен испит по мајчин јазик се одржа на 27 мај.

Според правилата за полагање, матурантите не смеат да користат мобилен телефон, должни се да ги исклучат своите телефони и да ги остават на катедрата или на посебна клупа во училницата. Матурантите, исто така, не смеат ниту да се договараат, да се консултираат со другите кандидати, ниту да препишуваат од друг. Доколку се прекршат правилата, се изрекува опомена, а доколку и по изречената опомена кандидатот повторно ги прекршува правилата, испитот се прекинува.

Претседателот на Сојузот на средношколци во заминување, Лука Павиќевиќ, го коментираше препишување на матурскиот тест по англиски јазик како „пропаст на нашата колективна свест, совест и доблест“.

– Вината припаѓа на сите – и на тие што препишувале и на тие што дозволиле да се препишува – изјави Павиќевиќ.

Павиќевиќ смета дека треба да има санкции доколку се утврди дека матурантите препишувале и дека за тоа треба да одлучи Државниот испитен центар.