Судскиот совет функционира законски и во согласност со надлежностите дадени во Законот за Судски совет. Ова е заклучокот од денешниот работен колегум на Советот кој ги отфрли како неосновани тврдењата на холандскиот амбасадор, Дирк Јан Коп, дека новиот претседател на Советот, Сашко Георгиев бил избран во нелигитимна процедура и поради тоа е ставен во мирување четиригодишен проект финансиран од Холандија.
– Членовите потенцираат дека првиот човек на СС е избран на седница со потребниот број на гласови утврдени во Законот за ССРСМ. Советот ги повика надлежните да ги испитаат сите сомнежи за корупција, а воедно потсетуваат дека Врховниот суд дополнително и во законска процедура ги проверува сите одлуки донесени за проверка за одговорноста на судиите преку жалбениот Совет. Холандскиот проект трае 4 години и се состои од 3 компоненти: ефикасност, отчетност, транспарентност и регионална соработка и во моментот се наоѓа во третата проектна година, соопштуваат од Судскиот совет.
Изјавите на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“, ја разбранува јавноста. Тој во интервјуто говорејќи за состојбата во македонското правосудство посочи дека Холандија ставила во мирување проект поврзан со Судскиот совет кој станал „нелигитимно тело“.
– Сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој. Сега го имаме и случајот со Судскиот совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Судскиот совет. Ситуацијата е многу сериозна – истакна амбасадорот Јан Коп.
Тој посочи дека во изминативе две години бил забележан напредок „но исто така сега повторно гледаме дека работите се влошуваат“.
– Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители, гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови, и да, тоа е многу загрижувачко, се натрупува едно по друго и дозволете да ве потсетам дека во февруари 2020 година, кога Парламентот донесе закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО, случаите со масовното преслушување и тоа беше единствениот настан што направи мојата земја да се согласи за членство на Северна Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година. Тоа е централно прашање и го следиме внимателно, истакнува амбасадорото во интервјуто.
Од партијата Алернатива денеска посочија дека од изјавите на холандскиот амбасадор „дознавме дека заради корупција е прекинат проект наменет за Судскиот совет“, дека тоа е „тежок скандал кој директно ги загрозува нашите Европерспективи“ и побараа оставка од актуелниот министер за правда, Кренар Лога.
– Клучната дилема е дали се најавува нова пречка на патот кон ЕУ, сега заради високата корупција? Ако Владата навистина е толку посветена на Европскиот пат како што упорно се декларира во јавноста, тогаш не смее да молчи за овој тежок скандал. Наративот дека извршната и законодавната власт не се мешаат во третата, независна, судска власт одамна не поминуваат никаде. Особено заради бруталната партизација на секоја инстанца во правосудните органи. Затоа, министерот за правда, Кренар Лога најмалку од срам требаше веднаш да ја депонира својата неотповилива оставка, соопштуваат од Алтернатива.
Според информациите кои ги пренесуваат одредени медиуми, станувало збор за проект вреден 954.850 евра, кој требало да биде реализиран до септември идната година и преку кој требало да бидат зајакнати компетенциите и капацитетите на Судскиот совет преку размена на експертиза со холандскиот Совет за судство.
Судскиот совет, вниманието на јавноста го предизвика на 26 април годинава кога беше разрешена претседателката Весна Дамева, така што нејзиниот заменик Селим Адеми повика на гласање за нејзино разрешување, при што седум члена го поддржаа, по што тој констатира дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.
Судскиот совет на 4 мај на итна седница со осум гласа „за“ и четири „против“ го избра судијата Сашко Георгиев за нов претседател, откако истиот ден одржал две нејавни седници, на кои, како што информираше преку соопштение објавено по изборот на Георгиев за нов претседател, најпрво била донесена одлука со која се става вон сила решението за разрешување од функцијата претседател на Судски совет на Весна Дамева од 26 април годинава, а потоа со девет гласа „за“ била донесена одлука за разрешување на Весна Дамева од функцијата претседател на Судскиот совет. (П.Ч.)