Сијарто: Унгарија ќе продолжи да ја блокира помошта за Украина

224

Унгарија ќе продолжи да ја блокира исплатата на новата транша од воената помош на ЕУ за Украина се додека Киев не ја отстрани унгарската ОТП банка од листата на меѓународни спонзори на руската инвазија, изјави во Виена унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

По средбата со шефот на австриската дипломатија, Александар Шаленберг, Сијарто неодамнешното вклучување на ОТП банка на украинската листа го нарече „скандалозно и неприфатливо“ и додаде дека Унгарија нема да одобри исплата на 500 милиони евра од Европскиот мировен фонд на ЕУ додека банката е отстранета од неа, пренесува Асошиејтед прес.

„Не можеме да поддржиме издвојување уште половина милијарда евра од Европскиот фонд за мир за трансфер на оружје во Украина и нема да дадеме зелено светло за тоа се додека ОТП банка е на списокот“, изјави Сијарто.

Украинската државна агенција за спречување на корупција овој месец ја означи ОТП банка како меѓународен спонзор на руската војна против Украина поради нејзиното постојано присуство во Русија, што предизвика остра реакција од унгарските власти.

Откако банкарската групација ОТП беше вклучена на списокот, нејзината украинска филијала објави дека „драстично го намалила своето присуство на рускиот пазар“ и дека нејзиниот пазарен удел паднал на само 0,17 отсто.

Односите меѓу Унгарија и Украина, две соседни земји, се затегнати поради одбивањето на Будимпешта да достави оружје во Киев или да дозволи негово пренесување преку нивната заедничка граница.

Унгарската националистичка влада на Виктор Орбан, која одржува блиски врски со Москва, се спротивстави на санкциите на ЕУ против Москва и се обиде да ја зацементира зависноста на Унгарија од руските фосилни горива откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.

Сијарто денеска посочи дека Будимпешта ќе блокира дополнителни санкции на ЕУ против Русија доколку Украина не ја отстрани ОТП банка од списокот на меѓународни спонзори на руската војна, со оценка дека Киев е „сè повеќе непријателски расположен“ кон Унгарија.

„Сè додека Украина ја држи ОТП банката на списокот на меѓународни спонзори на војната, Унгарија не може да се согласи со одлуки кои ќе бараат дополнителни економски и финансиски жртви од Европската унија и нејзините земји-членки“, рече Сијарто.

Искористувањето на средствата од Европскиот фонд за мир бара едногласна согласност од сите земји-членки на ЕУ. Во тој фонд за периодот 2021-2027 г. има 5,7 милијарди евра, од кои 3,6 милијарди се исплатени за воена поддршка на Киев од почетокот на руската инвазија, наведува Франс прес.

Тој механизам се користи за компензација на земјите-членки за 40 отсто од вредноста на оружјето испорачано во Украина и за обука на украинските војници. Тој е надополнет со придонеси од земјите-членки, а 66 отсто од неговото финансирање го обезбедуваат Германија, Франција, Италија и Шпанија.