Бугарскиот претседател Румен Радев му се пожалил на еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Оливер Вархеји дека нема напредок во внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Како што пренесуваат бугарските медиуми, на средбата во Софија, Радев изразил загриженост поради недостигот на напредок за најважното прашање, кое е и задолжителен услов за почеток на преговорите на земјава за со ЕУ, а тоа е промената на Уставот и вклучување на Бугарите како составен дел на народите што градат нации.
-Сведоци сме на зголемена системска дискриминација, полициско, административно и судско самоволие кон бугарските здруженија, зголемени злосторства од омраза врз Бугарите и луѓето со бугарски идентитет во Република Северна Македонија, истакнал Радев на средбата, потенцирајќи ги „систематските притисоци врз бугарските клубови” во последните месеци, како и донесувањето закон со ретроактивно дејство за фондациите и граѓанските здруженија, врз основа на кој беа затворени само двата бугарски клуба.
Радев рекол дека Бугарија високо ја цени реакцијата на европските институции и острата осуда за одбивањето од страна на Македонија на 6 мај да го прими европратеникот Андреј Ковачев на своја територија.
-Очекуваме такви реакции, не само кога правата на членките на ЕП се засегнати, но и на обичните европски граѓани, на граѓаните на РСМ со бугарска самосвест, истакнал бугарскиот претседател.
Еврокомесарот Вархеји на средбата со Радев рекол дека Европската комисија ја разбира важноста на отворените прашања меѓу Бугарија и Македонија и посочил дека забрзувањето на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан може да се постигне само доколку е прифатливо за сите земји. Како што пренесоа бугарските медиуми, Вархеји истакнал дека Копенхашките критериуми се јасно наведени и недвосмислени и ЕК ќе продолжи да го следи нивното спроведување.
Во своето обраќање на форумот „ЕУ-Западен Балкан“ кој се одржа во Софија, пак, Вархеји најавил дека оваа година ќе биде клучна за процесот на проширување на Европската Унија и дека ќе има промени кои ќе доведат до поефикасен начин на проширувањето на Унијата, но не сподели детали за новиот план на Брисел. Вархеји истакна дека времињата се сменети и проширувањето ќе се забрза поради војната во Украина.
-Се надевам оваа година ќе се донесат решенија без преседан, тоа ќе бидат решенија за забрзување на процесот на проширување. Дури и кај оние земји-членки кои се уште го немаат ова како приоритет во својот дневен ред, сега ова ќе им биде приоритет, бидејќи и на дневниот ред на средбите на лидерите проширувањето ќе биде приоритет, рече Вархеји.
Еврокомесарот ги предупредил земјите аспиранти напорно да работат на владеењето на правото и борбата против корупцијата, бидејќи, истакнал, земјите-членки не сакаат изненадувања на ова поле.
Бугарскиот министер за надворешни работи Иван Кондов возвратил дека во земјите од Западен Балкан постојат предизвици кои ја отежнуваат можноста проширувањето да се најде високо на дневниот ред на ЕУ, дека „има распространета пропаганда и дезинформации против Европската Унија“, а „такви примери има во Северна Македонија, каде Бугарите се исправени пред различни мерки и напади“. (В.С.Н.)