Узурпаторот на земјиштето пред поликлиниката „Бит-пазар“ заврши во притвор, мерки на претпазливост за багеристот

151

Според јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, судија на претходна постапка определил мерка притвор во траење од осум дена за првоосомничениот кој во петокот вечерта околу 19 часот го узурпираше земјиштето во дворот на поликлиниката „Бит-пазар“, додека за вториот осомничениот – управувач со багерот, определени се мерки на претпазливост.

Како што појаснуваат од Основното јавно обвинителство, против двете лица е поведена постапка за кривичното дело узурпација на недвижности, согласно со член 225 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Оттаму соопштија дека осомничените, на возраст од 45 и од 42 години, на особено дрзок начин, со багер урнале дел од оградата на поликлиниката „Бит-пазар“ и почнале да го рамнат и да го тампонираат земјиштето во близина на здравствената установа кое не било во нивна сопственост, со намера да го претворат во паркинг иако немале соодветна дозвола од Општината за тоа.

– Надлежниот јавен обвинител предложи мерка притвор, оценувајќи дека во конкретниот случај постои опасност осомничените да го повторат делото, бидејќи ги презеле кривично-правните дејства преку исклучителен волунтаризам и самоволие, со нарушување на имотот на објект кој е во општа употреба – нагласуват од Јавното обвинителство.

При тоа наведуваат дека двајцата биле упорни да го реализираат својот потфат и за само два часа успеале да ги урнат оградата и бетонските столбови со цел да овозможат пристап на градежна механизација на локацијата. Започнале да носат камиони со тампон и истуриле огромно количество песок за да го тампонираат просторот.

– Во ноќни услови, на особено фреквентно место во градот, со своите ископувања стигнале до ѕидовите на болницата, при што ги загрозиле пристапот до неа и спроведувањето на пациентите во итни случаи – наведуваат од ЈО и додаваат дека намерата на осомничените била во најкраток можен период, за време на викендот, да го заокружат криминалниот потфат со ставање сопствена рампа со која во иднина би го узурпирале просторот и би профитирале од наплатата на паркинг без дозвола.

За Обвинителството, ова укажува дека тенденцијата на осомничените била и понатаму да се занимаваат со казниви дејства, што го оправдува стравот дека постои опасност тие да го повторат кривичното дело.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во саботата соопшти дека полицијата веднаш реагирала, а двете лица биле приведени во врска со обидот за узурпација и диво градење зад поликлиниката „Бит-пазар“.

Како што рече Спасовски, по наредба на јавен обвинител, била одземена градежната машина, а кривичната пријава против двете лица ќе оди по брза постапка.

Министерот порача дека никој не смее да узурпира никакво земјиште и никаква сопственост, независно дали е приватна или државна.

– Тоа, би рекол, е обид за узурпација и градба. Никој не може да ја нарушува сопственоста, независно дали се работи за државна или приватна. Лицата ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка – истакна Спасовски.

Според него, очигледно е дека со уривање на дел од оградата, лицата сакале да узурпираат градежно земјите.

–Затоа се поведува кривична постапка за две дела: узурпација и нелегална градба. Ова е силна порака од државата дека никој не смее да узурпира никакво земјиште и никаква сопственост. Ирелевантно кој е, кој сака нека биде, не може да го прави тоа и ќе сноси одговорност – потенцира Спасовски. 

(А.П.)