Според претседателката на Унијата на медицински сестри, Гордана Бешлиоска, токму ниските плати се клучен фактор за одлевање на стручни кадри надвор од земјава. Таа вели дека со години чекаат зголемување на платите и достоинствени услови за работа, а потсетува дека за време на пандемијата, кога беа во првите редови, добиваа аплаузи и ветувања, но тие до ден-денес не се исполнети
Продолжува незадоволство на медицинските сестри во земјава поради ниските плати. Тие потсетуваат дека за време на пандемијата кога беа во првите редови, добиваа аплаузи и ветувања, но тие до ден-денес не се исполнети. Како што велат сè уште чекаат зголемување на платите и достоинствени услови за работа, што е една од главните причини што медицинските сестри заминуваат во странство и тоа најмногу во Хрватска и Германија.
За овој проблем што никако не се решава, укажа и претседателката на Унијата на медицински сестри Гордана Бешлиоска, која вчера потенцираше дека токму ниските плати се клучен фактор за одлевање на стручни кадри надвор од земјава.
-Имаме непочитување на колективниот договор во однос на соодносот на платите на сестрите, наспроти лекарите. Тој сооднос секогаш бил еден спрема два, меѓутоа со последните покачувања, кои требаше да бидат линеарни, сега односот е еден спрема три во однос на платите, а по однос и на додатоците што ги имаат лекарите, дојдовме на еден спрема пет – реагира Бешлиоска и дополнува дека никогаш немале проблем со лекарите, но сакаме да се почитуваат колективните договори.
Според неа, кога се носат колективните договори во болниците за лекарите се спроведуваат но не и за медицинските сестри. Таков е случајот со признавањето на високото образование на медицинските сестри каде што имаме комфорна зона каде што сестрите се регулирани само со еден додаток и не им се признаени високите школи.
-Тоа уште минатата година беше регулирано со анекс договор – потенцира Бешлиоска на одбележувањето на Меѓународната недела на сестринството.
За проблемот со ниските плати деновиве реагираа и акушерките. Тие посочија дека во Македонија има сериозен недостаток на здравствен кадар, особено од нивната специјалност. Како пример посочија што неодамна на објавениот конкурс на Клиниката за гинекологија не се пријавил ниту еден кандидат. Токму од овие причини е покрената иницијатива заедно со средното медицинско „Панче Караѓозов“ и со министерот за образование, од септември да се отвори уште една паралелка за акушерки.
За зголемување на платите на медицинскиот персонал деновиве се произнесе и министерот за здравство, Фатмир Меџити. Тој кажа дека со синдикатите сè е договорено и дека деновиве ќе почне исплатата. Според него, медицинските сестри треба да добијат 3.000 денари зголемување на платата, а останатите вработени во здравство 2.000 денари
– Ние се стремиме здравствените работници секогаш да имаат подобри примања и за тоа ќе се залагаме и во иднина, нагласи министерот Меџити и дополни дека тој не одлучувал околу судската одлука да се зголемат функционерските плати за 78 отсто.
(В.Ма.)