Голем интерес за производство на струја од обновливи извори на енергија, годинава ќе бидат приклучени уште 300 MW

Бислимоски најави ширење на енергетската мрежа во Македонија

169

Според Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и претседател на Бордот на регулатори  од Енергетската заедница годинава уште 300 нови мегават-часови ќе се инсталира капацитет од обновливи извори за енергија. Така со ова темпо на инвестиции за производство на струја од обновливи извори на енергија, државава за година и половина ги достигна таргетите од  Зеленото сценарио што требаа да се реализираат до 2040 година од Енергетска стратегија.

 

 

Нови 300 мегават-часови инсталиран капацитет од обновливи извори за енергија се очекуваат да бидат приклучени на мрежа годинава. Според Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и претседател на Бордот на регулатори од Енергетската заедница, со ова темпо на инвестиции за производство на струја од обновливи извори на енергија, државава за година и половина ги достигна таргетите од  Зеленото сценарио што требаа да се реализираат до 2040 година од Енергетска стратегија.

– Треба сега да ја ревидираме Енергетската стратегија во овој дел, затоа што околностите во енергетската криза драстично го променија темпото на реализација на инвестиции за производство на струја од сонце, ветер и вода, вели Бислимоски.

Според него, декарбонизацијата е дел од енергетската транзицијата затоа што резервите на јаглен се трошат, а производството се пренасочува кон капацитети од обновливи извори и производство на електрична и топлинска енергија од високо ефикасни комбинирани постројки.

– На нашата мрежа се приклучени производствени капацитети со инсталиран капацитет од 2000 MW, а во моментов четири пати е поголем интересот за инвестиции во обновливи извори и достигнува 8000 MW инсталиран капацитет, од кои најмногу се инвестиции во фотоволтаични централи и ветерни електрани. Решението се гледа во батериите за кои сега работиме на воспоставување на правила и процедура. Батериите и се поизвесната реализација на ХЕЦ „Чебрен“ ќе  служат за балансирање во електроенергетскиот систем во земјава. Тоа е реалноста во процесот на транзиција кон која државата стратешки и со план се има поставено. Несомнено ќе имаме нова нормалност – од земја која до сега домашното производство на струја доминантно се базира на јаглен, сега ќе имаме производство од обновливи извори, рече Бислимоски.

Тој посочува дека интересот на приватниот сектор за инвестиции во фотоволтаични централи е висок што кумулативно ако се гледа за само 13 месеци, РКЕ има издадено лиценци за вкупно 293 централи со вкупниот инсталиран капацитет од 158,2 МW што се во функција и од кои се произведува електрична енергија од обновливи извори.

– Во земјава само за една година и еден месец се изградени фотонапонски електроцентрали со вкупен инсталираниот капацитет што е поголем од инсталираниот капацитет на ТЕЦ Осломеј. Струјата од сонце се покажа како главен штит на приватниот сектор во борбата за економски опстанок, зголемена конкурентност, раст и развој – во неколку наврати информираше Бислимоски.

Според анализите на Регулаторна комисија за енергетика во 2022 година издадени се лиценци за вкупно 267 централи, што е речиси двојно повеќе од донесените одлуки за издавање на лиценци во претходните пет години и тоа од 2017 до 2021 година кога се донесени  146 одлуки за издавање на лиценци.

(В.Ма.)