Силјановска: На овој Устав му се потребни сериозни измени, а не измени наметнати однадвор

59

Таа предлага да се креира нов Устав, но не вака по порачка за покривање политички цели туку заради создавање уставно втемелена демократска држава. Во Светското здружение за уставно право порано наши експерти имаа учество, а Игор Спировски беше многу активен. Сега, вели професорката, не гледам активност на нашите правници.

– Ние имаме 36 амандмански измени за 30 години, а американскиот устав има само 27 за 200 години постоење, вели Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова вели дека е интересно што ни Уставниот суд не покрена реформи на судот, а самиот суд се соочува со сериозни проблеми. Потоа, вели таа, ние имаме проблем со политичкото уредување на надлежностите на Владата и Собранието, што треба да се реши со Устав.

-Ние не се грижиме за правата на граѓаните туку се занимаваме со проблеми од етничка природа или се врзани со интервенции однадвор што значи наметнати измени а не измени кои ги наметнува реалноста. Јас би прифатила измени кои се однесуваат на човековите права и тероризмот, но не и ова што се прави. Земете го примерот со Преспанскиот договор. Кога се внесуваше во Уставот се побара да се внесе и Охридскиот рамковен договор, што е спорно и условувачки. Сега повторно имаме условување 20 проценти да се замени со терминот албански јазик, вели професорката.

Таа додава дека идејата на уставотворците била мултикултурна држава, а не бинационална држава, па оттука тоа 20 отсто не се однесува само на Албанците оти во локалните самоуправи има и други јазици застапени кај 20 отсто од популацијата.

– Ние имаме чуден Закон за употреба на јазиците од 2019 година во кој македонскиот јазик воопшто не се споменува во смисла на појаснување. Тоа е закон за албанскиот јазик, вели Силјановска Давкова и додава дека ние секогаш го жртвуваме правото за сметка на политиката.