Деновиве се навршија 15 години од заминувањето од овој свет на македонскиот џез-музичар Драгиша Солдатовиќ-Лабиш. Има малкумина музички фанатици со кои сум се дружел во текот на тинејџерските денови. Меѓу нив би издвоил двајца, едниот е Аки, а другиот е Лабиш. За жал, и двајцата повеќе ги нема. Прегореа во својот музички фанатизам, едниот минатата година, другиот пред 15 години
Македонскиот џез-музичар Драгиша Солдатовиќ-Лабиш беше член на групите „Ден за ден“, „Пасквелија“, „Леб и сол“ и „Лабиш трио“. Зад него се голем број музички награди за театарски претстави, десетина концерти во земјава, учества на џез-фестивали во Ниш, Љубљана и во Белград, како и на фестивалот „БООМ“ во Нови Сад (1978 година) и на Младинскиот фестивал во Суботица.
Инструменталниот џез-рок состав „Ден за ден“ во јануари 1978 година, во Скопје, го оформија Драгиша Солдатовиќ (клавијатури), Владимир Јанкуловски (бас), Димитар Чочоровски (тапани) и Синиша Стојановски. Подоцна во бендот дојде и Аријан Дема (екс Пу). Во 1980 година, за продукцијата на РТВ Лубљана, го објавија својот единствен албум во кариерата, по што престанаа да функционираат.
Драгиша Солдатовиќ продолжи да се занимава со музика во рамките на „Лабиш трио“, кое, освен него, го сочинуваа и Зоран Павлоски (бас) и Кокан Димушевски (тапани). Во 1996 година, оваа формација на „Лабиш трио“ објави истоимено цеде за „Скопје џез фестивал рекордс“, а две години подоцна, за истиот „лејбл“ и албумот „Dream“ (покрај Лабиш, во триото беа и Дарко Мучев на бас и Гоце Стефковски на тапани).
Јас лично го помнам Лабиш токму како што е фатен на сликата што го илустрира овој текст. Секогаш со цигара „дрина“ без филтер во устата, како пребира по клавијатурата, додека пепелта се разлева на клавишите, а низ очите му течат солзи од чадот на цигарата. А, кога таа, цигарата, ќе догори до самиот крај, тој, не престанувајќи да свири, со едната рака вади нова цигара од кутијата, ја запалува и „Smoke gets in his eyes“.
Лабиш немаше класично музичко образование, но имаше душа за музика. До последниот здив живееше за музиката, таа му беше сè. Кога чув на времето за веста дека мојот другар од тинејџерските денови повеќе го нема, низ главата веднаш ми поминаа три слики, кои сакам да ги споделам со вас.
Слика прва, три фигури под превезот на ноќта, како некои разбојници полека се прикрадуваат до зградата на Педагошката академија. Го отвораат пенџерето на една од собите каде што се наоѓаат клавирите на кои вежбаат студентите и прескокнувајќи, влегуваат во темната просторија. Го палат светлото. Лабиш седнува зад клавирот, кој поради експлозивното свирење на „надарените“ студенти, нема еден или два клавиша и почнува да свири. Му се придружува Аки и започнува концерт за четири раце, еден клавир и еден гледач, мојата маленкост. Чуварот не може да го слушне концертот, зашто е од другата страна на зградата. И така, ноќ за ноќ, се до моментот кога истиот тој чувар, поради големата бучава што се слушаше, не нè изненади една вечер. Не завршивме во полиција, бидејќи тој виде дека се работи за фанатици или, пак, и самиот беше љубител на музика. Кој ли ќе знае?
Слика втора, едно време, во Скопје се отвори Американски културен центар.Toa беше голем културен шок за нас, младите, бидејќи овој центар не само што беше опремен со голема библиотека туку располагаше и со голем фонд грамофонски плочи од различен жанр, од поп до џез. Знаевме да поминуваме цели попладниња во овој центар, љубопитно чепкајќи низ рафтовите и земајќи ги по неколку пати во нашите раце плочите што нè интересираа. И додека јас и Аки окапувавме на одделот за рок-музика, Лабиш го насочуваше целото внимание таму каде што стоеја најновите изданија на најпознатите џез- имиња. Еден ден, Лабиш дојде до мене, држејќи во раката една плоча од Оскар Питерсон, која ја земаше пред тоа неколку пати. Ме погледна под око и ме праша како може да ја земеме таа плоча, ама да не ја вратиме, затоа што беше вљубен во тој клавијатурист и мораше да ја има дома. Не знам како собравме храброст, не размислувајќи дека повторно, како со Педагошката академија, можеме да завршиме во полиција. Но, направивме план. Каков, тоа не можам да ви кажам, затоа што може да ги расипеме добрите односи со САД. Како и да е, Лабиш ја доби плочата и до бесвест ја вртеше на својот грамофон.
Слика трета, групата „Аманет“ го освои првото место на Рок-гитаријадата во Штип, а Лабиш беше прогласен за најдобар инструменталист. Низ македонската и светска поп-рок историја имало групи и пејачи кои се појавиле, свиреле и пееле извесно време и потоа се растуриле без да снимат ништо или без да добијат некоја награда. Но, она што се случи некаде во средината на седумдесеттите години на минатиот век во нашата Македонија заслужува со право да влезе во Риплиевата рубрика „Верувале или не“. А зошто, следете ја приказната и ќе ви биде јасно.
Дали беше 1976, дали беше 1977, не се сеќавам. Знам само дека во станот на Аљоша Беговски, кој по потекло беше од Штип, бевме собрани неколкумина од рок-фанатиците од Карпош 4 и Тафталиџе, седевме, потпивнувавме по малку и слушавме музика. Едно време, Аљоша ни кажува дека наредниот викенд во Штип ќе се одржи рок-гитаријада и дека не е лошо да се пријавиме и ние да свириме.
Сите погледнавме бледо кон него, бидејќи тоа „ние“ се однесуваше на нас, неговите другари, Драгиша Солдатовиќ-Лабиш, Бошко Доневски, Андон Петков и јас, Љубчо Алексовски. А, ние сиромашките ниту имавме група ниту имавме репертоар. Го имавме само неговиот ентузијазам поради новата гитара што ја беше набавил и поради нашето колку-толку познавање на музиката и какво-такво свирење на некој инструмент.
Младост – лудост, се фативме на неговата јадица, бидејќи ни кажа дека претседател на жири-комисијата бил неговиот добар пријател, саксофонистот Гоце Мицанов, кој знаел што е добра музика и што се добри музичари. А, нели, ние бевме тие добрите и имаше шанси да освоиме некое од првите три места, кои носеа тогаш некојси минимален паричен износ.
И, така започна нашиот „пат кон славата“. Инструменти не требаше да носиме, фала му на Господа, освен, нормално, Аљоша и неговата чичка нова гитара „ибанез“ и Андон Петков-Дона и неговиот бас. Значи, поголемиот дел од „Операцијата Штип“ беше „завршен“, остануваше оној „најлесниот“, а тоа беше кои три композиции ќе ги свириме и – внимавајте, една од тие три да биде наша сопствена.
Нејсе, се договоривме двете композиции да бидат во стилот на џез-рокот без вокал, бидејќи Лабиш и Раме беа виртуози на своите инструменти уште тогаш и можеа да импровизираат колку ти душа сака, додека третата да биде вокално-инструментална, на која требаше како вокалист да настапам јас, кој дотогаш само статирав на некои од игранките на групата „ТОРР“.
Време за вежбање, нормално, немаше и затоа искористивме цели два часа од возењето со автобусот кон Штип на слепо, што би се рекло, со уста и тропање на седиштата да ги извежбаме трите композиции.
Стигнавме во Штип, отидовме на ракометното игралиште каде што се одржуваше Гитаријадата, се пријавивме под името „Аманет“ и го чекавме нашиот настап. Повеќе мислевме како ќе се вратиме во Скопје отколку како ќе поминеме на самата Гитаријада. Пари за јадење и за автобус – јок.
Немам поим што и како свиревме, имам црна дупка во помнењето, само запаметив дека во еден момент од органата на која свиреше Лабиш, отпадна едната ногалка. А, Лабиш, како ништо да не се случило, со едната рака ја придржуваше органата да не падне додека не ја зашрафија момците, а со другата не престана да свири.
Нашиот настап, конечно, заврши. И да не должам многу. Стоевме под една липа, чекавме да ги објават резултатите и размислувавме како ќе се вратиме назад, во Скопје. Најавувачката го објави името на групата, не нашето, што го освои третото место, за кое ние, однапред да ни кажеше некој, ќе се согласевме да го освоиме, бидејќи наградниот фонд беше доволен за билети и за сендвичи. Ги најави и добитниците на втората награда, нормално пак не нашето. Ние, како да не облеал ладен дожд, се гледавме еден со друг и правевме планови во себе: што сега? И од таа благопријана нирвана го слушавме милозвучниот глас на најавувачката и – првото место и паричната награда во износ од…. динари ги освои групата „Аманет“ од Скопје.
Што да ви кажам, оттогаш почнав да верувам во онаа реченица на Паоло Коељо дека кога нешто сакате, целиот свет прави заговор за да ви помогне да го постигнете.
Лабиш, ми беше чест и привилегија што те познавав и што другарувавме. Почивај во мир! (Љ.А.)