Економистите апелираат со зголемување на минималната плата да се зголемат и останатите плати

58

Работникот работи, ама не го дава својот максимум, мотивацијата паѓа или според економскиот речник во фирмите доаѓа до „бел штрајк“.  Штипскиот економски експерт, Глигор Ивановски вели дека растот на минималната, а стагнацијата на останатите плати во една приватна компанија или институција, наместо да решава, креира многу по сложени проблеми.

Ивановски посочи дека ваквата слика во државата е сѐ почеста бидејќи се случуваат апсурдни примери во кои најниската плата во една фирма со покачувањето на минималната плата ја надминува пример платата на благајникот.

– Примерот со зголемувањето на минималната плата. Тоа е една популистичка мерка бидејќи ние сакаме да кажеме од 20.000 не може да има пониска плата. Но, што правиме со соодносите на платите во одредена фирма. Имаме апсурдни ситуации да најниската плата ја преминува платата на благајникот во некоја фирма. Мотивацијата опаѓа кај луѓето, ние во економијата тоа го викаме бел штрајк. Работникот работи, ама не работи. Тој работи формално, не се ангажира доволно, не го дава ефектот кој го давал порано или што се очекува од него, вели  Ивановски.

Посочува дека расте и износот кој ја формира потрошувачката кошница, а со денешните примања на граѓаните, најголем дел од парите се трошат за храна. Додава дека со ваквите примања и цени не може нешто важно да се промени во државата.

– Расте износот на парични средства што ја формира таа потрошувачка кошница. Сѐ повеќе ни требаат парични средства за да ги задоволиме најнеопходните потреби пред сѐ од храна. Сите знаеме дека кај нас со овие ниски примања можебо 60 до 70 проценти од приходот на едно семејство оди за трошоци за исхрана. Со овие примања, пак ќе кажам, не можеме да очекуваме нешто важно да се примени, државата сака да каже дека со ниската продуктивност која ја имаме во економијата не може да ги зголемиме платите во доволна мера за да може да се намали тој процент на трошоците, вели Ивановски.

Ивановски е дециден дека ако фирмите сакаат да се спречи „бел штрајк“ од страна на вработените, треба да растат сите плати линеарно за да не се почувствува незадоволство кај одредени вработени.

Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи вели дека оние компании кои имаат доволно финансиски средства и подобра продуктивност пожелно е да ја покачат процентуално платата за процент колку што се зголеми минималната. Смета дека повеќето работодавачи во реалниот сектор ги зголемија линеарно платите на вработените, со цел да ги мотивираат своите работници, кои и онака се сè помалку во државата.