Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во реакција на предложените законски измени поврзани со изградбата на автопатиштата на коридорите 8 и 10-д . Тие ги повика пратениците сериозно да размислат пред да го дадат својот глас за, како што наведуваат, катастрофалните предлози за измени на закони по работничките права.

-Пратениците од владејачкото мнозинство сакаат прекувремената работа да може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работниците кои работат на проекти од национален и стратешки интерес,  да немаат слободен ден и да работат во недела, соопшти ССМ.

Според ССМ, „Владата продолжува со намерата докрај да ги понижи македонските работници, да им го одземе достоинството. Истовремено им овозможува на  компании како „Бехтел и Енка“ да ги преработат, преморат и изнемоштат работниците кои очигледно треба да им бидат не само робови туку и роботи.

-Спротивно на принципите на меѓународното трудово право, конвенциите на МОТ, одлуките на Уставниот суд кој детално се произнесе по тие прашања и ги прогласи за неуставни одредбите од Законот за градба на автопатиштата од страна на „Бехтел и Енка“, каде што спротивно на сите правни правила и спротивно на здравиот разум сакаа тие работници да работат по 60 и повеќе часови, како и тоа што го апсолвираше прашањето за уставноста на одредбите на Законот за работните односи со кои недела е неработен ден, за пратениците предлагачи: Арбана Пашоли, Арбен Зибери, Арбер Адеми, Арта Биљали-Зендели, Бајрам Кадрија, Бедри Фазли, Берат Ајдари, Вјолца Адеми, Даниела Николова, Љатифе Шиковска, Мерита Колчи Коџаџику, Рина Ајдари, Фиснике Бектеши Шаќири, Халил Снопче овие одлуки на Уставниот суд се ништо повеќе од тоалетна хартија и на мала врата по нивен предлог во понеделник, пратениците од владејачкото мнозинство сакаат прекувремената работа да може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата – стои во соопштението од ССМ. 

На утрешната 112. седница на Собранието ставени се девет предлог закони поврзани со проектот, меѓу кои и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, по скратена постапка.

-Предложениот закон предвидува измена со која се овозможува уредување на местото и начинот на исплата на платата на работници на проекти од национален и стратешки интерес за Република Северна Македонија. Дополнително се воведува можноста за работа во недела како и прекувремена работа подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот, стои во образложението на Предлог-законот.  

Предложени се измени и на законите за земјоделско земјиште, за експропријација, за заштита на културното наследство, за урбанистичко планирање, за  минерални суровини, за шумите, за градење и на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите 8 и 10д. Стратешки партнер за изградба на четири автопатски делници на коридорите е „Бехтел и Енка“, а вкупната вредност на проектот е 1,3 милијарди евра, без финансиите за  проектирање и експропријација.