Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба со претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија. На средбата присуствуваа и потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, претседателката на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Хрватска, Благица Ласовска, како и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова. Во придружба на хрватскиот премиер беа и Давор Филиповиќ, министер за економија и Ермина Лекај Прљаскај, пратеничка во хрватскиот Сабор, надлежна за малцинствата во Хрватска.
Посакувајќи му на гостинот добредојде како на претставник на пријателска и блиска држава со која немаме отворени прашања, претседателот Џафери упати и голема благодарност за континуираната и силна поддршка што Република Хрватска ја дава на европската перспектива на Северна Македонија. Истакна дека минатиот јули ја одржавме првата меѓу-владина конференција со што го отворивме процесот на пристапување и го прифативме францускиот предлог, односно прифативме влегување и на други етнички заедници во Уставот, со цел да ги отвориме преговорите по кластери, според новата методологија. Нагласи дека процесот не е лесен и, иако одлуките се носат во интерес на граѓаните, во јавноста се поставува дилемата дали е тоа последниот услов. Понатаму, информираше за учеството на државата во соработката на регионално ниво, како Берлинскиот процес, Иницијативата Отворен Балкан, а се осврна и на нашето претстојно претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа и активностите кои ќе бидат организирани во Собранието. Џафери нагласи и дека Северна Македонија се придружи кон сите осуди, санкции и рестриктивни мерки поврзани со руската агресија врз Украина и постигна целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. Информираше и за формирањето на Интер-партиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа во Собранието на Република Северна Македонија. Во однос на претседавањето со ОБСЕ, изрази уверување дека како претседавачи ќе успееме да ги исполниме очекувањата.
Претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, изрази благодарност за приемот во Собранието и за можноста да се обрати пред пратениците. Билатералните односи ги оцени како срдечни и пријателски, нагласи дека двете земји имаат партнерски однос во НАТО и се соседи во поширока смисла. Потсети дека Северна Македонија пред Хрватска го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија и упати порака, како претставник на држава која го поминала патот, покрај сите оправдани дилеми, да се направат напори да се постигне политички договор за државата да напредува на европскиот пат и да не се губи повеќе време. Моделот, како што нагласи Пленковиќ, мора државата сама
да го најде. Понуди сесрдна поддршка за постигнување на целта на државата до 2030 година да стане членка на Европската унија.
Во разговорот се вклучи и Ермина Лекај Прљаскај, пратеничка во хрватскиот Сабор, надлежна за малцинствата во Хрватска, која информираше дека постојат 5 национални малцинства во Саборот, а соработката со Македонците во Хрватска ја оцени како многу успешна. Благица Ласовска, претседателка на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Хрватска, ја пофали соработката со Амбасадата на Република Хрватска во Северна Македонија и изрази надеж дека двете држави ќе бидат заедно во Европската унија, но, како што нагласи, не на штета на македонскиот народ.