Романот „Знакот на четворката“ на Артур Конан Дојл објавен во 1890 година е вториот роман за лондонскиот детектив-аматер Шерлок Холмс и неговиот помошник д-р Вотсон. Тука, познатиот двоец се соочува со една од најинтересните мистерии во нивните кариери: украдено индиско богатство, нераскинлива заклетва, едноног криминалец, канибал од тропските острови и демони од минатото, се само дел од оваа типична викторијанска авантура. Последните четири години, младата дама Мери Морстон добива многу невообичаен подарок: „многу голем и сјаен бисер“. Пред десет години, пак, нејзиниот татко мистериозно исчезнува и никогаш не е пронајден. Сега, по толку изминати години, таа добива покана да го сретне својот непознат доброчинител. Како треба да постапи? Само Шерлок Холмс има одговор на ова прашање. Тој и д-р Вотсон ќе ја придржуваат младата госпоѓица на закажаната средба.