Легендарниот британски возач Дејмон Хил (62), светски шампион во 1996 година, жали што не воспоставил блиски односи со Михаел Шумахер по завршувањето на кариерата. Тие беа големи ривали во деведесеттите, а Германецот ја заврши кариерата во 2012 година. За жал, по тоа немаше многу време за поблиско пријателство, бидејќи Шумахер доживеа страшна несреќа на скијање во 2013 година, откога е под 24-часовна нега. За здравствената состојба на Германецот не се знае премногу, освен тоа дека се наоѓа во тешка ситуација.

  • Не се познававме многу добро. Немав многу допирни точки со Михаел, нема некоја посебна причина. Кога се пензионирав, тој сè уште се натпреваруваше, на патеката бевме само ривали и не мислам дека беше заинтересиран да се зближиме некако. Штета. Посакувам да го познавав подобро, но, можеби, нема да се случи тоа сега. Навистина е лошо тоа што му се случи – истакна Хил, кој моментално е телевизиски коментатор.

Пред титулата на Хил, Шумахер двапати беше шампион, а по неа уште пет пати стана светски првак. Во овој момент, Британецот кој седеше зад воланот на Вилијамс, Џордан и на други тимови, би сакал да може да го врати времето и да биде пријател со Шуми.

  • Сè што се случи, се случи во спортот, тоа е. Она што му се случи на Михаел е шокантно и ужасно. Очигледно е многу, многу тешко за неговото семејство и за него. Тоа е човечка трагедија и сè што се случи на патеката е неважно во споредба со тоа – додаде Британецот.

За разлика од него, поранешниот прв човек на Формула 1, Жан Тод (77), редовно го посетува Шуми.

  • Да го оставиме намира, да ги почитуваме желбите на Корина и на нејзините деца. Знаеме дека несреќата оставила последици. Секој што вели дека знае нешто, не знае ништо. Го гледам цело време, тој и неговото семејство се и мое семејство – изјави Тод за „Кориере де Ла Сера“.