Амбасадорот на Кина во Европската унија, Фу Конг, остро реагираше на говорот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која ја повика Европа да биде похрабра во односите со Кина, бидејќи таа „станува се порепресивна дома и се посигурна во странство“.
Тој оцени дека говорот е мешавина од погрешни толкувања и неточни толкувања на кинеската политика и кинеските ставови, пренесува Политико.
„Кој и да го напишал тој говор за претседателот Фон дер Лајен или навистина не ја разбира Кина или намерно погрешно ги претставува кинеските ставови“, рече Фу.
Фон дер Лајен за прв пат навести дека Европската унија може да стави крај на долгогодишните напори за склучување голем трговски договор со Кина.
Сеопфатен договор за инвестиции беше склучен во 2020 година, но беше закочен од Европскиот парламент откако некои пратеници беа погодени од санкциите на Пекинг.
„Мораме да признаеме дека светот и Кина се променија во последните три години, и поради тоа мораме повторно да го процениме тој договор во светлината на нашата поширока стратегија за Кина“, рече Фон дер Лејен.
На тој говор реагираше генералниот директор за европски прашања во кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Лутонг, кој ја предупреди Европската унија дека игра „опасна игра“.
„ЕУ во последно време многу зборува за намалување на ризикот. Ако постои некаков ризик, тоа е ризикот од поврзување на трговијата со идеологијата и националната безбедност и ризикот од создавање конфронтација на блокот“, напиша Ванг на Твитер.
Фон дер Лејен следната недела ќе отпатува со францускиот претседател Емануел Макрон во Пекинг, каде се очекува да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг.
„Се надеваме дека за време на нивната посета на Пекинг и дијалогот со кинеските лидери, двајцата ќе можат подобро да ја разберат Кина“, рече Фу.