Љупчо Николовски, министерот за земјоделство, денеска како гостин во студиото на националниот сервис рече дека кромидот некаде достигнува цена и до 100 денари за килограм, иако реалната цена треба да биде 50 денари.
Тој порача дека неговото министерство дава поддршка и за потребата да се замрзнат цените на одредени земјоделски производи, како што тоа беше пример со белиот леб, јајцата и оризот.
„Ова е време за солидарност и единство, а не време за профитерство. Јас нема да дозволам некој да се богати на грбот на земјоделците и граѓаните. На пример, производствената цена на кромидот чини околу 20 денари по килограм за работна сила и дополнителни трошоци, што значи дека со сите трошоци на трговецот реалната продажна цена би изнесувала до 50 денари по килограм, додека сега гледаме цени и до 100 денари по килограм во продажба.МЗШВ дава поддршка за замрзнувањето на цените на овошјето и зеленчукот бидејќи таквото замрзнување нема да влијае во намалувањето на откупните цени“, изјави Николовски.