„Не можеме да направиме подобар омаж на македонскиот јазик отколку да се обединиме денес сите заедно околу еден од неговите најголеми бранители и секако еден од најголемите поети…“, посочи директорот на францускиот институт во Скопје, Иго Бештел, истакнувајќи го хуманистичкиот ангажман, меѓународната димензија на Шопов и неговата почит кон светските култури, но и кон францускиот и пред сè кон својот сопствен македонски јазик. На денешниот настан во Музејот на македонска борба во Скопје, Бештел, исто така додаде дека на македонскиот поет Ацо Шопов ќе му биде одаден и голем омаж во седиштето на УНЕСКО во Париз
„Нашиот многубоен поетски спектар составен од силни, индивидуални поетски ткаења, има повеќе заеднички именители. Тука е исконскиот стремеж на народот да се откине од сите робувања, тука е нашиот специфичен македонски бигор од маки и темни бдеења, тука е оригиналниот пробив во минатото за да се доосмисли сегашнината, тука се звуците и боите на оваа земја. Токму таква, автентична и самоникната, нашата поезија може да се влева во другите поетски текови, да се оплодува со нив не губејќи ја својата оригиналност и да станува сè попривлечна и за другите“, кажа Шопов во една прилика. Токму со оваа мисла на нашиот великан, поетот Ацо Шопов (1923-1982), денес во Музејот на македонската борба во Скопје, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, го отвори настанот „100 години Ацо Шопов“, омаж за големиот македонски поет и книжевен преведувач, организиран заедно со Францускиот институт во Скопје. Тој посочи дека преку настанот се акцентира големата вредност на поезијата и придонесот на Шопов кон македонската литература. Истовремено, додаде, се потенцира и важноста на неговата преведувачка дејност, преку која Шопов воспоставува трајна поврзаност меѓу македонскиот и францускиот јазик.
„Кратко е времето за да ги опфатиме сите вредности кои го сочинуваат животот и делото на Шопов: неговото учество во НОБ, продукцијата на првата повоена книга на македонски јазик, воспоставувањето на фестивалот Струшки вечери на поезијата, но и неговите дипломатски и литературни ангажмани. Од ова одбележување очекуваме да го доближиме опусот на Шопов до најмладите поетски таленти, кои денес се тука со нас и со тоа, да го дадеме нашиот придонес кон продолжувањето на развојот на македонската поезија“, додаде Герасимовски.
Директорот на Францускиот институт во Скопје, Иго Бештел, пак, истакна дека е чест да му се одаде омаж не еден од најголемите македонски поети.
„Токму вредностите кои ги носи март, месецот на Франкофонијата се почитта кон културната разновидност. Да се прославува франкофонијата во оваа земја, членка на меѓународно организацијата на Франкофонијата е, пред сè, природно да и се даде прилика и омаж на македонска култура и на почесно место да се стави нејзиниот јазик. Овој јазик кој сега е наполно признат на европско ниво, се студира во Франција. Не можеме да направиме подобар омаж на македонскиот јазик отколку да се обединиме денес сите заедно околу еден од неговите најголеми бранители и секако еден од неговите најголеми поети…“, посочи Бештел, истакнувајќи го хуманистичкиот ангажман, меѓународната димензија и влијание во светот на Шопов и неговата почит кон светски култури, но и кон францускиот и, пред сè, кон својот сопствен македонски јазик. Тој, исто така, додаде дека на Ацо Шопов ќе му биде одаден и голем омаж во седиштето на УНЕСКО во Париз за точно една недела.
Амбасадорот на Франција во нашата држава Сирил Бомгартнер, пред присутните на француски ја прочита песната на Ацо Шопов „Настан на езерскиот брег“.
За творештвото на Шопов зборуваа поети и професори.
„Денес и кога зборуваме за Шопов како велелепен, колку македонски, толку и европски поет, а по повод 100 години од неговото раѓање, ние неминовно зборуваме и за врските меѓу двете култури, кои се историски засведочени, датирани уште на почетокот на минатиот век. Оттаму е и поетската слика во песната „Во еден од центрите на Париз“, на великанот Ацо Шопов, кој во втората половина на минатиот век постави темели и на нови, современи мостови меѓу двата народа, двете земји, македонската и француската. Интересот за македонистиката во француската филологија и за франкофонијата во македонската академска средина како да добива едно забрзување и преку двата престоја на Ацо Шопов во Париз за кои читаме и во неговиот лирски дом. Во 1951 се случува првиот, а една деценија потоа, од мај до декември 1961 и вториот… Во 1957 година во препев на Шопов од француски на македонски јазик излегува драмата „Сирано де Бержерак“ од Едмон Ростан“, истакна Мојсова-Чепишевска. Таа посочи дека и ден-денес е во редот на најубавото што е преведено кај нас.
„Четири децении подоцна можеме со сигурност да кажеме дека тоа освојување на духот на Париз беше влог и за македонската култура, ама и дека македонистиката полека но сигурно, во тие години почна да го „освојува“ Париз… А оваа година јубилејот 100 години од раѓањето на Шопов го поврзуваме со уште еден друг, а тоа е 50 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на престижниот ИНАЛКО, голем полувековен јубилеј кој достојно ќе биде одбележан идната недела во Париз…“, кажа меѓу другото во своето обраќање Мојсова Чепишевска.
Светлана Шопова: Големината на Ацо останува да живее…
„Оваа година ја чувствувам како една од најзначајните во мојот живот. Започна со прекрасен настан и мислам дека така и ќе продолжи. Ќе се нижат настаните еден по еден. Ацо тоа го заслужи и како човек и како поет, и особено како сопруг и татко. Беше мирен и спокоен човек. Никој не му префрлил, со никој не се замерил. Тоа го немаше во неговата природа. Еден прекрасен човек кој за секого имаше добар збор и секогаш кога требаше правеше некоја услуга. Таа добрина некогаш и скапо ја плаќаше со внатрешните нервози и воземирености што ги носеше во себе. За жал, болеста многу рано го однесе од овој свет. Но големината останува, големината на неговата поезија, на неговата личност, големината која се огледува во тоа што толку многу ја сакаше својата татковина, оваа Македонија“, истакна Светлана Шопова, на вчерашниот настан, потсетувајќи се на својот сопруг.
(Д.Т.) Фото: Ѕ. Плавевски