Велешани револтирани поради зголемувањето на цената за ѓубретарина

65

Жителите на Велес се револтирани од одлуката на Советот на Општина Велес за 100 отсто да се зголеми цената за ѓубретарината, односно за собирање и транспортирање на комунален и индустриски отпад на територијата на Општината. Тие бараат Советот да ја преиспита ваквата одлука и да ја врати старата цена. Против оваа одлука беа советниците од СДСМ и Левица кои имаа и свое образложение за, како што велат, незаконското покачување на цената.

Со новата одлука на Советот, за затворен простор домаќинствата, односно физичките лица ќе плаќаат по 3 ден за м/2 наместо досегашните 1,5 денар. За дворно место од дом, физичките лица ќе плаќаат по 0,40 ден од м/2 наместо досегашните 0,20 ден.

Правните лица за затворен простор ќе плаќаат 8,75 денм /2 наместо досегашните 3,5 ден.м2, додека за дворно место правните лица ќе плаќаат 1,25 ден м.2 наместо 0,5 ден м/2. Доколку правните лица во текот на една календарска година создаваат повеќе од 100 тони неопасен отпад, тие ќе се мерат во метри кубни.

Никола Петровски, граѓанин на Велес за МИА изјави дека ова е навистина неразумна одлука од Општината, односно на Советот на Општина Велес, која му овозможува на ЈКП„Дервен“ двојно да ги зголеми цените за овој вид на комунални услуги и со тоа дополнително да го оптовари и така нискиот семеен буџет. Кон неговото мислење се приклучуваат и најголемиот број на граѓани и сите тие бараат од Општината односно Советот да ја преиспита својата одлука и да ја врати старата цена.

Од ЈКП „Дервен“ за МИА информираат дека донесената одлука на Советот на Општина Велес  е во согласност со Законот за локална самоуправа, односно со оваа одлука се вршат само измени на веќе постоечката одлука.

-За ваквата одлука не може да одлучува Регулаторната комисија затоа што членот 107 од Законот за управување со отпад е неприменлив поради тоа што се уште не се донесени подзаконски прописи за да може да се постапи по нив. Во недостаток на таквиот Правилник се применува член 145 и член 149 од Законот за управување со отпад од 2021 година, според кој се уште е важечка постоечката Методологија за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад и со тоа Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комунален и индустриски неопасен отпад на територијата на Општина Велес донесена на 30-та седница на Советот на Општина Велес е донесена законски, појаснуваат од ЈКП„Дервен“.

Од друга страна, од советничката група на СДСМ во Советот, а кои се изнесоа против ваквата одлука, тврдат дека само Регулаторната комисија може да донесе одлука со промена на Правилникот за тарифа за отпад.

Од советничката група на Левица сметаат дека мнозинството во Советот на Општина Велес се повикало на стар Закон од 2018 година и со тоа незаконски ги покачил цените.