Поради големите попусти за ран букинг, аранжманите за претсезона веќе се распродадени, а мошне добро одат и оние во сезона. Најголем интерес има за Грција, а поради инфлацијата, аранжманите за ова лето се поскапени за 20 отсто, а во Хрватска и до 40 отсто во однос на лани. Но Хрватска не е толку посетувана дестинација од македонските туристи не само поради тоа што е скапа, туку и поради далечината
Продажбата на летните аранжмани за 2023 година веќе започна, а од туристичките агенции се задоволни од интересот на граѓаните за ран букинг. Велат дека најголем интерес има за Грција, но, исто така, многу барани се и Албанија, Црна Гора и Турција. Поради инфлацијата цените на сместувањето во Грција годинава се зголемени од 20 до 30 отсто, а во Хрватска за 40 отсто. Но Хрватска не е толку посетувана дестинација од македонските туристи не само поради тоа што е скапа, туку и поради далечината, велат од агенциите.
Некои од туристичките агенции што ги контактиравме велат дека поради големите попусти за ран букинг, аранжманите за претсезона веќе се распродадени, а аранжманите за ова лето се поскапени за над 20 отсто во однос на лани.
– Сè е пуштено во продажба, а голем дел од аранжманите во претсезона, поради големите попусти, се веќе распродадени. За претсезона, попустите изнесуваа околу 50 отсто, а приватните апартмани се веќе распродадени. Така, на пример, за Евиа, каде што цените се движат од 60 до 70 евра за човек со превоз и сместување во јуни и во септември, нема веќе слободно место во приватните апартмани. И покрај тоа што аранжманите за летување годинава се поскапени за над 20 отсто во однос на лани, има голем интерес за апартманско сместување во Грција за јули и за август – вели за весникот ВЕЧЕР, Елена Дренковска.
За разлика од лани, годинава има поголем интерес за ран букинг, бидејќи нема рестриктивни мерки. За закуп на апартмани во Грција, сè уште важат попустите, кои почнаа во декември, а цените за приватно сместување се движат од 300 евра, па нагоре. Во хотелите, во претсезона, цените за ноќевање со појадок се движат од 130 до 150 евра за лице, а во Турција е малку поскапо и цените за престој во хотел со авионски превоз се движат од 350 евра за лице, па нагоре.
-Најголем интерес има за апартманско сместување во Грција. Со попусти започнавме уште во ноември и досега има доста резервации. Голем дел од граѓаните ги искористија попустите за ран букинг од 40 отсто, а како што се доближува сезоната така се намалуваат и попустите. Најголемите попусти се до крајот на февруари, велат од една туристичка агенција.
Дека цените се повисоки од лани потврдуваат и од другите туристички агенции. Велат дека во Грција цените се повисоки за 20 до 30 отсто, а во Хрватска и до 40 отсто во однос на лани. Но Хрватска не е толку посетувана дестинација од македонските туристи не само поради тоа што е скапа, туку и поради далечината.
-Цените зависат од тоа дали се работи за хотели или приватно сместување, но генерално во Грција сè е поскапено од 20 до 30 отсто. Интерес за ран букинг има, но е послаб од лани. Лани се тргнаа корона ограничувањата и имавме синдром на непотрошени пари. И покрај тоа што оваа година сè уште е рано за да кажеме каков ќе биде интересот за летување, но има интерес за ран букинг. Две третини од понудата е изложена, а до почетокот на април се ќе биде дадено на пазарот. Тие што веќе го имаат букирано одморот ги искористија големите попусти кој завршуваат до крајот на овој месец, вели за весникот ВЕЧЕР, Мирче Пешевски.
Освен Грција голем интерес има и за Турција, Албанија, Црна Гора, како и за Египет и Тунис за кој веќе се објавени термините за чартер летовите.
Од агенциите велат дека и покрај тоа што има интерес, тој е далеку помал од земјите во регионот, како Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, поради понискиот стандард на граѓаните.
Минатата година, околу половина милион македонски граѓани ја посетиле Грција, со што земјава е на 11. место меѓу топ-15 земји со најголем број посетители во Грција за 2021 година, покажуваат податоците на Здружението на грчки туристички бизниси.
(А.С.)