Драмски театар Скопје со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на 1 февруари гостува на словенечкото издание на регионалниот театарски фестивал РУТА Група Триглав во Љубљана. Фестивалот се одржува од 31 јануари до 4 февруари во организација на Месно гледалишче Љубљана.
Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ е авторска адаптација на Сајмон Стивенс направена според мотивите од романот на Марк Хадон. Режисер е Зоја Бузалковска, професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Асистент на режија е Димче Николовски – Димската, драматург е Александра Бошковска. Костимите во претставата се на Елена Вангеловска и Раде Василев, а сценографијата е на Константин Трпеноски. Авторската музика е на Давид Ангеловски, а кореографијата и фри ранинг техниката на Симон Симоновски.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева-Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.
Премиерата на „Чудна случка со кучето во ноќта“ беше во декември 2021 година и досега има петнаесетина изведби. Режисерката Зоја Бузалковска истакнува дека она што „Чудна случка со кучето во ноќта“ ја прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст. Тоа е светот на Кристофер, светот на „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“. Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно. Во таа смисла, претставата ќе има и едукативно – воспитна функција и ќе може да ја одреди за една од своите целни групи и младата тинејџерска публика.
Драмски потсетува дека во рамките на фестивалот РУТА, театарот гостуваше во Љубљана и во 2022, со изведбата на „Мојот маж“ на авторката Румена Бужаровска и режисерката Нела Витошевиќ.