Врнежите од дожд и снег, што ја зафатија нашата земја, предизвикаа покажување на водостоите на реките и езерата во однос на јануарскиот просек. Поради зголемено ниво на река Вардар, која се излеа во реонот на скопско Зелениково и зафати 15 до 20 метри од нивите, Центарот за управување со кризи побара да престанат со работа хидроцентралите на реката Треска, која најмногу го полни Вардар со вода. Исто така, високо ниво Вардар денеска имаше и низ Велес и кај Демир Капија, а исто така нарасна водата во Бабуна кај Богомила, на Брегалница кај Берово, на Црна Река кај Новаци, како и на Црн Дрим кај Ложани.
За да се намали нивото на Вардар, АД ЕСМ ја исклучи хидроцентралата „Свети Петка“, а ХЕЦ „Козјак“ е оставена да работи само еден агрегат.
– По информацијата за покаченото ниво на реката Вардар, во координација со ЦУК, од страна на АД ЕСМ е пристапено кон промена на режимот на работа на хидроелектраните во склоп на хидросистемот „Треска“. Намалено е производството на електрична енергија од хидроелектраната „Козјак“, каде што е оставен во функција само еден агрегат, додека хидроелектраната „Св. Петка“ е надвор од употреба. Не работи и хидроелектраната Матка, која е во сопственост на ЕВН – информираа од АД ЕСМ. Оттаму додаваат дека намалувањето на производството во дел од хидроелектраните нема да влијае на снабдувањето со електрична енергија и ќе се дополни преку останатите производствени капацитети.
Поради ваквата интервенција од ЦУК не очекуваат поплавен бран во Зелениково и Велес, но сметаат дека опасноста од поплави во земјава сè уште не е надмината и оти состојбата треба да се следи од дежурните институции во општините.
Од УХМР за утре најавија врнежи од снег, а само во некои пониски места од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во јужните и источните делови. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми, а нова ќе се формира и во некои од пониските места. Слична состојба од УХМР прогнозираат и за Скопската котлина.
Од општините и фирмите, задолжени за зимското одржување на локалните улици и патишта и јавните површини на истокот на Македонија, велат дека се подготвени за првите снежни врнежи. Снежната покривка во Делчево засега не предизвикува посериозни проблеми. Зимското одржување на општинските улици и патишта, како што информираше Даниела Такева од Општина Делчево, ќе го врши одбрана фирма по спроведена јавна набавка и потпишаниот договор со економскиот оператор, како најповолен понудувач кој ќе постапува во согласност со потребите на Општината и Планот за долгорочно зимско одржување на општинските патишта и улици на подрачјето на Општина Делчево.
– Согласно со Планот и предвидената приоритетна листа на зимско одржување патишта и улици се опфатени патишта со асфалтен коловоз од 88,5 километри, патишта со коловоз макадам од 42 километри и улици со асфалтен коловоз во должина од 39,45 километри. Надзор на извршените работи врши Одделението за инспекциски надзор – истакна Такева.
Чистењето на снегот од коловозите на патиштата и улиците како што додаде ќе започне доколку дебелината на снегот достигне 10 сантиметри за сообраќајниците од прв и втор приоритет и 15 сантиметри кај сите останати сообраќајници опфатени со планот. Посебно внимание ќе се обрати на острите кривини, стрмните косини, мостовите, големи надолжни нагиби и делови каде што има сенка (шуми, осојничави места, реки и слично), патни премини и вкрстувања итн.
Надлежните служби на Општина Крива Паланка, пак, ги извести граѓаните за одредени задолжителни обврски во состојба на зимски услови.
– Како прво со цел навремено, непречено и целосно чистење на снегот и ледот од коловозните површини на улиците во населбите, се молат граѓаните во рок од 24 часа од објавата на оваа известување, да ги отстранат паркираните возила по улиците односно истите да се паркираат надвор од коловозните и тротоарските површини – потенцираат од општината.
Комунално редарските служби од општината ќе спроведуваат вонредни теренски контроли по улиците и ќе ги забележуваат неотстранетите возила од коловозните и тротоарските површини и против несовесните сопственици кои нема да го почитуваат оваа известување ќе преземат соодветни законски мерки.
(С.Бл.)