Адвокатот Александар Новакоски ќе поведе граѓанска иницијатива за што побрзо завршување на автопатот Кичево – Охрид или барем некоја делница што поскоро да биде пуштена во сообраќај. Тој, како роден охриѓанец што работи и живее во Скопје, често пати го користи патот и вели дека е многу опасен за возење.
– Месечно, сигурно три-четири пати сум на овој пат, поради судења во Охрид и Струга или кога за време на викендите одиме во Охрид. Летно време, оваа фреквенција е многу почеста и поминувам многу километри со автомобилот. Недозволиво е автопатот да се гради 10 години и една деценија да се вози по ваков пат е навистина предизвик за секој возач – вели Новакоски за весникот ВЕЧЕР, нагласувајќи дека не е само тој што се жали на состојбата на патот туку дека истата мака ја имаат сите оние возачи што патуваат по оваа сообраќајница.
Особено како опасна ја потенцира делницата по Пресека, затоа што се случуваат многу сообраќајни несреќи.
– Како адвокат, сум бил на огромен број сообраќајки. Верувам, тоа може да го потврдат и други мои колеги, при што има многу повредени и луѓе што го загубиле животот на таа делница. Патот е опасен и со самото градење на автопатот. На пример, делницата Требеништа – Охрид е направена, но таа е уште поопасна од сообраќаен аспект бидејќи се вози побрзо. Исто така, камионите што излегуваат од градилиштето се со неизмиени тркала и постојано има кал на коловозот. Тоа е недозволиво, да се вклучуваат такви возила во сообраќај, без прописи и процедури – потенцира тој.
Новакоски вели дека тоа што автопатот се гради толку долго без да се помисли дека сегашниот магистрален пат е преоптоварен со тешки товарни возила што возат кон Охрид, а особено кон Струга и граничниот премин Ќафасан, и не е безбеден, му дава за право да помисли дека тој регион свесно се изолира.
– Можеби е редно следниот премиер да биде од Охрид, па да направи нешто за да се заврши оваа голгота. Патот Кичево – Охрид е под секој стандард. Ние не можеме 10 години да направиме 50 километри, и зеде многу жртви. Од разговорите со мноштво луѓе добивам впечаток дека не одат во Охрид како туристичка дестинација токму поради лошиот пат. Затоа ќе поведам иницијатива, која правно ја осмислувам и очекувам да ми се придружат и други граѓани од Охрид за да можеме да поставиме услови и да се крене гласот за да се направи притисок до надлежните пред градежната сезона за што побрзо завршување на автопатот – вели Новакоски.
Вели дека поставените рокови треба да се почитуваат, а дали ќе се успее да се забрза градењето, допрва ќе се види.
И Татјана Грковска вели дека крајно време е нешто да се стори.
– Целата делница од Гостивар до Охрид ми е невиден стрес. Многу често сакам да го одложам патувањето токму поради небезбедноста и долгото патување, а се работи за оддалеченост која (да не одам подалеку) и за соседните земји не претставува проблем. Срамота колку сме неагилни, неажурни и недомаќини – револтирана е Грковска.
Пред два месеца, надлежните власти уверуваа дека градежните активности ќе завршат согласно со предвидениот рок, односно до крајот на 2023 година. Вицепремиерот Артан Груби, пак, уверува дека градежните активности ќе завршат напролет следната година.
– Се очекува автопатот што се гради, Кичево – Охрид, да заврши најдоцна до крајот на оваа година или напролет следната година – додаде Артан Груби.
А, во меѓувреме, и без да биде означен крајот на изградбата на автопатската делница, премиерот Димитар Ковачевски и Груби најавуваат преместување на границата Ќафасан, со што патот до Албанија би се скратил за 20 километри.
– Последната идеја што ја изнесовме и потпишавме меморандум пред Нова година со премиерот Рама и со вицепремиерката Белинда Балуку во Албанија е да го преместиме граничниот премин, односно границата веќе да не биде на Ќафасан поради висината, туку да се спуштиме подолу во селото Радолишта, поврзувајќи го со селото Кукеш во Албанија, со што патот би се скратил за 15 до 20 километри – вели Груби.
И сега останува дилемата дали автопатот Кичево – Охрид ќе заврши на крајот од годинава или напролет 2024 година. Пред неколку месеци, како што се дознава, компанијата „Синохидро“ побарала продолжување на рокот за градежните активности до 2026 година, но директорот на ЈП за Државни патишта, Ејуп Рустеми, негира.
(С.Бл.)