Одделот за паркови и рекреација во Њујорк објави дека за прв пат во последните пет години делфини биле видени во реката Бронкс и ги повика жителите да ги „поздрават“, но да не ги вознемируваат.
Пар делфини е забележан во реката Бронкс, која тече низ југоисточниот дел на Њујорк, пренесува Си-Ен-Ен.
Одделот за паркови и рекреација објави видео на Твитер на кое се гледа како делфините скокаат од водата.
„Вистина е, делфините беа забележани во реката Бронкс оваа недела! Ова е одлична вест, бидејќи покажува дека децениските напори за враќање на реката во здраво живеалиште успеваат. Веруваме дека делфините природно го нашле патот до реката во потрага на риба“, објавија од Секторот.
It’s true—dolphins were spotted in the Bronx River this week! This is great news—it shows that the decades-long effort to restore the river as a healthy habitat is working. We believe these dolphins naturally found their way to the river in search of fish.
(Video: Nick Banco) pic.twitter.com/40ZNgBjJZs— NYC Parks (@NYCParks) January 19, 2023
Официјалните лица ги советуваат жителите дека и покрај тоа колку може да биде примамливо да ги погледнат овие животни одблизу, тие треба да се погрижат на делфините „да се чувствуваат удобно за време на нивната посета, давајќи им простор и не вознемирувајќи ги“, пренесува американската ТВ мрежа.
Делфините се заштитени во САД со Законот за заштита на морски цицачи, кој го прави нелегално да се хранат или да се вознемируваат животните.
Бројот на делфини се намалува поради уништување на живеалиштата, загадување и заплеткување на поединци во риболовни средства.