Португалската авиокомпанија ТАП објави дека ќе откаже 1.316 летови поради штрајкот планиран за крајот на јануари, кој ќе погоди околу 160.000 патници. ТАП објави дека очекува загуба од околу 18 милиони евра, а „Ројтерс“ пренесува дека компанијата моментално добива помош од ЕУ во износ од 3,2 милијарди евра.
Синдикатот на летачкиот екипаж објави претходно овој месец дека ќе ја прекине работата од 25 до 31 јануари, одлука што уследи по дводневниот штрајк во декември, кој резултираше со откажување на 360 летови.
– Одлуката за повторно да има штрајк ја елиминира целата работа за зближување на страните, оставајќи ги на цедило илјадниците корисници на ТАП. Тоа сериозно влијае на профитот на компанијата – се вели во соопштението на компанијата.
Компанијата соопшти дека почнала да развива план за вонредни ситуации за да го минимизира влијанието на таквите ситуации врз клиентите, што вклучува приспособување на летовите, лесен пат до пререзервирање и рефундирање. Планот за реструктуирање на ЕУ вклучува намалување на возниот парк на ТАП, престанок на повеќе од 2.900 работни места и намалување на платите на повеќето работници до 25 отсто, пренесува „Танјуг“.