Утре е Водици или Богојавление — денот на кој, според христијанското предание, свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Се прославува на 19 јануари кај црквите што го користат јулијанскиот календар (вклучувајќи ја и македонската), а на 7 јануари кај црквите што го користат грегоријанскиот календар. Со тоа му се дава значење на крштавањето како една од повеќето свети тајни на христијанството.
Крштавањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова година (Василица) и слично.
Симболот на Водици е фрлањето на светиот крст во водите – реки, езера, базени и се верува дека потоа тие стануваат свети. Централните манифестации ќе се одржат во Охрид и во Скопје, а традицијата за фрлање на чесниот крст ќе се продолжи и во скопските општини, другите градови низ државава и во помалите населени места.
Охрид и оваа година е подготвен за најмасовната верска манифестација Богојавление – Водици. Нуркачите деновиве го чистеа дното на Охридското Езеро, а уредено е и градското пристаниште, каде што граѓаните ќе влегуваат по чесниот крст. Се очекува бројни верници, но и капачи да присуствуваат на манифестацијата.
Дебарско-кичевската епархија организира богослужби во сите парохиски цркви, по што верниците во литии ќе се упатат кон градското пристаниште, од каде што во 10 часот ќе биде положен светиот крст во водите на Охридското Езеро. Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, вели дека општинската администрација, јавните претпријатија, Црвениот крст, нуркачките клубови, пожарната и здравствените установи ќе биде присутни на големиот настан, кој се очекува да го проследат голем број граѓани, и ќе се погрижат сè да биде како што треба.
Централната богослужба ќе биде во храмот „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ со која ќе чиноначалствува неговото високо преосвештенство, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, г. Тимотеј. Богослужби ќе има и во сите парохиски цркви во стариот дел од градот, од каде што потекнува традицијата во храмот „Свети Никола Ѓеракомија“, во црквата „Свети Ѓорѓи“ – Горна Влашка Маала и во сите останати градски цркви.
Чествувањата и обичаите поврзани со Водици во Охрид продолжуваат и в петок, на 20 јануари, со Денот на рибарите и празникот Свети Јован Крстител. Уникатната манифестација со традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи во месноста Сараиште и ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини.
Скопската епархија, пак, во Скопје ја организира централната манифестација со фрлање на светиот крст од мостот „Слобода“. Од правосвештенството на Епархијата велат дека, како и претходните години, богослужбата во црквата „Пресвета Богородица“ ќе почне во 9 часот и ќе трае некаде до 11 или 11:20 часот, по што литијата со верници предводена од архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и други свештени лица од Скопската епархија ќе тргне до мостот „Слобода“, каде што ќе се изврши големо водосвештение и точно во 12 часот крстот ќе биде положен во водите на реката Вардар.
По него ќе скокаат околу стотина верници, кои го имаат поминато здравствениот тест да можат да влезат во студените речни води. Како и секоја година, организацијата ќе биде на високо ниво, за што ќе се погрижат здравствени лица од Брзата помош, како и претставници на Црвениот крст и на полицијата.
И во скопските општини ќе се спроведе чинот на фрлање на светиот крст. Во Општина Гази Баба, тоа ќе се случи во базенот во црквата „Св. Георѓи“ во Сингелиќ. Општина Кисела Вода ја продолжува лани возобновената традиција за фрлање на чесниот крст, како дел од прославата на Водици. Настанот ќе се одржи во базенот „Расадник”. Оваа година, манифестацијата започнува со литија од храмот „Св. Ѓорѓија“ во 10:30 минути, од каде што верниците и свештенството ќе се упатат кон базенот „Расадник“. Осветувањето на водата и фрлањето на крстот ќе се случат во 11 часот. За најсреќниот учесник што ќе го фати богојавленскиот крст, предвидена е парична награда од Општина Кисела Вода и од спонзорите.
Под покровителство на Општина Бутел, светиот крст ќе биде фрлен на неколку локации, и тоа – во Љубанци на реката Љубанска со почеток од 10 часот, потоа во црквата „Св. Наум Охридски“ во Радишани со почеток од 10:30 часот, како и во црквата „Св. Јован Крстител“ во населбата Бутел 1 со почеток во 11 часот.
И низ државава, општините се подготвени за Богојавление. Програмите за одбележување на претстојниот христијански празник Богојавление – Водици во трите општини од крајниот североисток на државата, Крива Паланка, Ранковце и Кратово, се веќе подготвени, а во тек е пријавувањето на сите што ќе се фрлаат по светиот крст во водите на реките.
Во Општина Крива Паланка, прославата ќе започне со света Богојавленска литургија во храмот на црквата „Свети великомаченик Димитриј”, во осум часот, по што следува осветување на водите на Крива Река и положување на светиот крст во реката, во 9 часот и 30 минути, традиционално, на локацијата кај таканаречениот Шанин мост.
Од 10 часот, на градскиот плоштад ќе се одржи и манифестацијата „Пивтијада 2023″, со богата празнична трпеза подготвена од клубот на пензионерки „Достоинствен живот” при Општинската организација на Црвениот крст Крива Паланка, а гостин на настанот е познатата водителка и автор на гурмански емисии, Андријана Алачки.
Богојавленскиот водосвет во Кратово ќе се одржи на градскиот базен во 11 часот, а настанот се реализира под покровителство на градоначалникот на Општина Кратово, Тодорче Николовски, и Македонската православна црква, Кумановско-осоговската епархија.
Осветување на водите на Ранковска Река во Ранковце и положување на светиот крст ќе се одржат в четврток во 11 часот и 30 минути, а сите што се заинтересирани да учествуваат на овој чин, можат да се пријават во Општина Ранковце најдоцна до утре, 18 јануари, до 15:30 часот.
Во Ранковце, света Богојавленска литургија и водосвет ќе се извршат и во селото Петралица, во храмот „Св. Ѓорѓи”, како и во селото Псача, во храмот „Св. Николај”.
На најсреќните, кои први ќе го фатат светиот крст, организаторите ќе им дадат пригодни подароци.
(С.Бл.)