На едно семејство за зимување му требаат 1.500 евра

Ако пред пандемијата четиричлено семејство можеше за 700 до 800 евра да оди на зимување во хотел со четири ѕвездички, на база полупансион, сега истото тоа чини дупло - 1.500 евра. Од туристичките агенции кои ги контактираше весникот ВЕЧЕР велат дека аранжманите за зимување во регионот се поскапени за над 20 отсто, а најскапа дестинација е Копаоник. И покрај актуелната политичка ситуација со Бугарија, сепак поради цените Банско, Боровец, Пампорово... се најчест избор за зимување на македонските граѓани

284

Аранжманите за зимување се двојно поскапени. Ако пред пандемијата четиричлено семејство можеше за 700-800 евра да оди на зимување во хотел со четири ѕвездички, на база полупансион, сега истото тоа чини дупло – 1.500 евра. Од туристичките агенции кои ги контактираше весникот ВЕЧЕР велат дека аранжманите за зимување во регионот се поскапени за над 20 отсто, а најскапа дестинација е Копаоник. И покрај актуелната политичка ситуација со Бугарија, сепак поради цените Банско, Боровец, Пампорово… се најчест избор за зимување на македонските граѓани.

Од туристичките агенции велат дека годинава поради зголемените цени е намален интересот за зимување. Во некој агенции велат дека во моментов најбарана дестинација за зимската сезона е Копаоник, а побарувачка за зимските центри во Бугарија е намалена. Во други, пак, велат дека Банско и Боровец и понатаму се најбарани дестинација за македонските граѓани, бидејќи цените, квалитетот на сместувањето, скијачките терени, спа-центрите и термалните бањи се незаменливи.

– Поголем дел од македонските граѓани се интересираат за Копаоник и за Златибор, но цените таму се многу повисоки отколку во Банско и во Боровец. Сепак, има интерес и за бугарските зимски туристички центри, пред сè поради цените, кои се многу пониски од српските туристички центри. Намалениот интерес за зимување е и поради намалениот животен стандард. Порано имаше голем број македонски граѓани што одеа на зимување и во Словенија, Австрија, Швајцарија, Италија, а сега нивниот број е многу помал – вели за весникот ВЕЧЕР, Маја Димитриевска, сопственик на туристичка агенција.

Од Туристичко-угостителската комора при ССК велат дека поскапувањето на енергенсите двојно ги поскапи аранжманите за зимување. Така ако пред пандемијата четиричлено семејство можеше за 700-800 евра да оди на зимување во хотел со четири ѕвездички, на база полупансион, сега истото тоа чини дупло – 1.500 евра.

– Оваа година хит е Златибор, има голем интерес кај македонските граѓани многу добро се промовира, има интерес и за Бугарија, стандардно Боровец и Банско, но заради целата ситуација повеќе интерес има за Србија. Граѓаните не се откажуваат од зимувањето. Копаоник е поскап од Малдиви, но тоа не е пречка да се појде на планина – изјави претседателот на Туристичко-угостителската комора при ССМ, Аркан Керим.

Цените за хотелско сместување во Банско и во Боровец почнуваат од 25 евра за лице, во зависност од времето на престојот, категоризацијата на хотелот. Така, на пример, во хотел со три ѕвезди во Банско, во јануари и февруари ќе платите 70 евра за двокреветна соба со појадок. Тоа значи дека едно ноќевање со појадок ќе ве чини околу 30 евра во сезона. Цените на Копаоник се движат од 50 евра па нагоре за лице, за апартманско сместување, додека во сезона цените сè уште повисоки, но во поевтините сместувачки капацитети не може да се најде место.

– За Банско цените во однос на лани се зголемени за над 20 отсто. За ноќевање со доручек цените во хотелите во Банско се движат од 50 евра па нагоре. Слични се цените и за Боровец и Пампорово. Српските туристички центри Копаоник и Златибор се нешто поскапи, а цените во хотелите достигнуваат и до 200 евра на ден за соба – велат за весникот ВЕЧЕР од една туристичка агенција.

Од агенциите потенцираат дека и покрај тоа што годинава поголем интерес има за српските туристички центри, но според квалитетот на сместувањето, услугата, скијачките терени, спа-центрите, цените што се нудат за Бугарија се далеку поконкурентни од оние за Копаоник и за Златибор.

Што се однесува до македонските зимски туристички центри, од агенциите велат дека не ги нудат, но и интересот за нив е многу помал. Ако некој сака да оди на Попова Шапка или Маврово најчесто оди во сопствена режија со автомобил и се сместува во приватните сместувачки капацитети.

Од туристичкиот сектор се надева дека наскоро и нашите зимски туристички центри ќе добијат современи скијачки центри за да не мора македонските граѓани да патуваат во странство за да скијаат.

(А.С.)