Сите енергетски капацитети во земјава се пуштени во употреба, со што домашното производство на електрична енергија се стабилизира. Деновиве пуштен во производство е и блокот 3 во РЕК Битола, со што во моментов дневното производство на струја изнесува околу 20 илјади мегават часови, изјави директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски при денешната посета на Рударско-енергетскиот комбинат „Битола” каде во работна посета беа и премиерот Димитар Ковачевски, министерот за економија Крешник Бектеши на средба со директорот на РЕК Битола Пеце Матевски.
– Се надеваме дека овој тренд на производство на електриќна енергија ќе продолжи и ќе биде приближно на времето на најдоброто производство на РЕК. Со вакво дневно производство ги покриваме потребите на сите витални институции во државата за кои АД ЕСМ презеде обврска да ги обезбеди со струја по пониски цени од оние на пазарот, изјави директорот Ковачевски.
Тој додаде дека со ова ги демантираме сите кои не веруваа дека ќе имамем зголемено производство на електрична енергија и оти цените нема да се зголемат.
-Успеавме да ги ставиме во функција сите производствени капацитети и да го зголемиме домашното производство на струја. Тоа во 2022 година е зголемено за 26,5 отсто во однос на претходната година, а во 2023 АД ЕСМ согласно планот за производство треба да произведе 5.045 гигават часови електрична енергија, што е за 20 отсто повеќе од планираните 4.259 гигават часови, нагласи Ковачевски.
Тој додаде дека веќе нема увоз на струја, сите постројки се вклучени во мрежата и целосно ги задоволуваат потребите. Ковачевски информира дека има и ноќни вишоци од 2 до 7 часот наутро кој ќе ги понудат на трговците и на оние компании кои имаат потреба од електрична енергија во тој период.
Директорот на РЕК Битола, Пеце Матевски рече дека со пауза од една година сите три блока на Комбинатот се во функција.
-Се преземаат сите мерки да имаме стабилно производство. И покрај тоа што постројките се стари над 40 години се надеваме дека ќе успееме да го постигнеме планираното производство. На депонија во моментов има над 300 илјади тони јаглен, изјави Матевски.
Ковачевски дополни дек со полна пареја работи и РЕК Осломеј за што на располагање се и доволни количини на јаглен.