– Во моментот, улицата „Есперанто“ минува „пред“ киното „Влае“, а во новиот план, наместо да постои кривината што го забавува сообраќајот и ги оддалечува колите од основното училиште, зацртано е улицата да биде права, а на местото каде што минува во моментов, треба да се ослободи простор за градежна парцела за десеткатница – потенцираат од „Борба за Влае“. Од Општина Карпош, пак, велат дека ноторна лага е оти што било се урива кај киното „Влае“, а што се однесува до улицата „Есперанто“, оттаму додаваат дека не само со новиот план туку и со сите претходни планови, таа е права
Карпошани, здружени во фејсбук-групата „Борба за Влае“, реагираат дека деновиве без табла, без никакво известување, се уриваат бараките на парцелата на киното „Влае“, на чие место е вцртано да минува улицата „Есперанто“. Тие сметаат дека на диво се работи за да се ослободи просторот за што побрзо да се изведе улицата и за да се направат услови за градба на десеткатница.
Тие образложуваат дека според регулацискиот план што беше донесен од Град Скопје во 2021 година како и според ДУП-от што го предложи Општина Карпош, а беше укинат од Уставниот суд, на локацијата зад кафе-барот „Кино Влае“ треба да минува улицата „Есперанто“.
– Во моментот, улицата минува „пред“ киното „Влае“ и во новиот план, наместо да постои кривината што го забавува сообраќајот и ги оддалечува колите од основното училиште, зацртано е улицата да биде права, а на местото каде што минува во моментов, треба да се ослободи простор за градежна парцела за десеткатница – потенцираат од „Борба за Влае“.
Оттаму додаваат дека според сегашната ситуација, нема основа да се пробива улицата, а локациите на кои се уриваат бараките немаат дозвола за градба, бидејќи нема важечки ДУП.
Воедно, од „Борба за Влае“ нагласуваат дека за дрвјата што беа исечени на локацијата каде што е зацртана улица, немало известување од Општина Карпош, Град Скопје, ниту имало известување на терен.
– Сето ова ни кажува дека на диво се работи за ослободување на просторот за побрзо да се изведе улицата и да се направат услови за градба на висококатница – децидни се од „Борба за Влае“.
Тие се надеваат дека ќе дојде градежен инспектор на самото место да провери дали имаат дозвола за уривање и да ги спречи (и казни) во случај да немаат. Од Општина Карпош, пак, велат дека ноторна лага е оти што било се урива кај киното „Влае“.
– Ова е целосна дезинформација. Иако, за волја на вистината, сопственикот има право на тоа, затоа што објектот и земјата се приватен имот – одговорија од Општината.
Што се однесува до улицата „Есперанто“, оттаму додаваат дека не само со новиот план туку и со сите претходни планови, таа е права.
– Уште кога почна да се гради Порта Влае во 1983 година, предвидено е улицата „Есперанто“ да биде права улица и да се вкрстува со улицата „Вангел Динев“ под прав агол. Значи, ова решение е наназад 40 години, а ние го преземаме со секој нов урбанистички план – објаснуваат од Општина Карпош.
Според нив, сегашното вкрстување на улицата „Есперанто“ со „Вангел Динев“ кај киното „Влае“ е спротивно на сите сообраќајни прописи.
– Тоа вкрстување прави тесно грло затоа што има кратко растојание до семафорот, кое по закон треба да биде најмалку 130 метри. Може да замислите како изгледа таа раскрсница, особено наутро кога од три страни доаѓаат возила и тие треба да застанат и да го обезбедат сообраќајниот правец на простор од 25 метри, а станува збор за јазол на кој, на моменти, има од 30 до 50 возила. Тоа значи дека предвиденото решение од пред 40 години е апсолутно исправно, но сега станува актуелно затоа што бројот на возилата е петкратно зголемен од 1980 година – заклучуваат од Општина Карпош.
(А.П.)