Чудна ситуација се случи во таборот на каталонскиот гигант Барселона и тоа поради можниот трансфер на португалскиот интернационалец од редовите на англискиот премиерлигаш Вулверхемптон, Рубен Невеш.
Првиот човек на Барса, Жоан Лапорта сакаше да ги осигура услугите на Невеш кој според него е идеална опција за средниот ред. Сепак, така не размислува и шефот на стручниот штаб, Чави Хернандез, кој не сака да ги има на располагање и услугите на Португалецот.
Чави сака да ги осигура услугите на стандардниот првотимец во дресот на Реал од Сосиедад, Мартин Зубимендија, кој за разлика од Невеш, одлично ја познава шпанската Ла Лига.
Желбата на Лапорта и таа на Чави во голема мера зависи од искусниот играч за врска, Серхио Бускец, кој се уште нема одлучено дали ќе остане на „Ноу Камп“ или пак ќе ја промени клупската средина на крајот од актуелната сезона.
Лапорта е подготвен да одвои околу 25 мил. евра за обештетувањето на Невеш кој има одиграно 26 натпревари во актуелната сезона на кои постигна и четири погодоци.
Вулверхемптон годинава ќе води грчевита борба за опстанок во елтиното друштво, а тоа не му се допаѓа на Португалецот кој не крие дека сака да игра за клуб кој се бори за трофејот во домашниот шампионат и за тој во Лигата на шампиони.
Невеш пред четири и пол години се пресели во Премиер лигата и тоа од тимот на Порто, а голем интерес за неговите услуги покажува и тимот на Манчестер Јунајтед.
Сагата околу можниот трансфер на одличниот играч за врска ќе продолжи и во следните неколку дена, но јасно е како ден дека Чави и Лапорта не се иста бранова должина и дека тука треба да се побара вината за тензичната атмосфера на „Ноу Камп“.