Загадениот воздух ги потенцира респираторните симптоми – Сезонскиот вирус ја наполни болницата во Козле, на удар децата до 3 години

92

Болницата во Козле е преполна и за божиќните празници. Очекувано за овој период од годината, кога владее грипот, детската болница извршува речиси 150 прегледи на дечиња дневно. Децата, велат лекарите, најчесто се со висока температура, дехидрирани, со мачнини и со болки во грлото. Најголем дел од пациентите се на возраст до три години. Дел од нив, во првите неколку дена од хоспитализацијата, се и на кислородна поддршка поради клиничката слика.

Повозрасните, според педијатрите, доаѓаат на прегледи и добиваат терапија за лекување во домашни услови.

Слична е состојбата и на Детската клиника. За преглед, за време на празниците се чека и по цел час.  Освен помалите деца и постарите од 65, лицата со астма, дијабетичарите и пушачите се под ризик од сериозни здравствени компликации поради опасните ПМ-честички, што се присутни во последниве неколку дена.

Според последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје, има 347 случаи на грип, што е двојно повеќе од претходно анализираниот период.