Не сопираат натегањата меѓу власта и опозицијата околу терминот за одржување на избори. Крајот на минатата година беше одбележан со нова иницијатива за предвремени избори, овојпат по барање на Беса, а ВМРО-ДПМНЕ очекувано ја поддржа. Впрочем, пратениците од опозицијата ја одбележаа изминатата 2022 година со активна блокада во Собранието, како дел од притисокот врз власта за предвремени избори. ВМРО-ДПМНЕ почна со блокадата во мај, која, како што тогаш најавија од партијата, ќе трае сè до договор за датум за предвремени парламентарни избори. Блокадата, според партијата, подразбираше и „попречување на штетните закони и политики“. За власта и покрај бојкотот и блокадите, Собранието функционираше.

Во однос на одржувањето на  парламентарни избори засега ниту власта, ниту опозицијата не отстапуваат од своите ставови. Според СДСМ, предвремени парламентарни избори нема да има и ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година, а ВМРО-ДПМНЕ настојува тие да се одржат напролет, во периодот меѓу 14 и 21 мај 2023.

Зголемените теренски активности на СДСМ, според владејачката партија не значат и подготовка за предвремени избори, туку се само продолжување на интензивните активности на партијата со цел граѓаните одблиску да се запознаат со политиките на СДСМ, но и да ги слушнат нивните мислења, идеи и предлози. Кампања која подразбира контакт со граѓаните само пред избори, според оваа партија, е одлика на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, вели дека парламентарни избори ќе има заедно со претседателските во 2024 година и не се планира реконструкција на Владата.

– Јас сум човек кој се држи до своите ставови и не менувам ставови како други политичари и избори ќе има во 2024 година, прво претседателски, а потоа парламентарни избори, рече премиерот, кој е убеден дека во 2024 година повторно ќе има Влада, што исто така ќе биде предводена од СДСМ и коалиционите партнери кои се за продолжување на европскиот пат на државата и зачленување до 2030 година во ЕУ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, хаосот во власта, состојбите во државата и анкетите на јавното мислење покажуваат дека изборите напролет се неопходност. Од најголемата опозициска партија велат дека во моментов политичката состојба во земјава е неподнослива, како меѓу партиите така и внатре во некои партии, односно во СДСМ, ДУИ и Алтернатива. Бидејќи предлагаат предвремени избори во мај, според нив, изборната кампања би почнала на 25 април.  Целта на тие избори, како што брифираа од партијата, е ресет на системот и воведување на поголема стабилност. ВМРО-ДПМНЕ како свој партнер во идната влада би сакала да ги види албанските опозициски партии за кои, иако се согласуваат дека ја немаат силата што во моментов ја има ДУИ, сепак сметаат дека постои големо незадоволство и кај гласачкото тело на етничките Албанци кои веруваат дека би поттикнале одредени промени во таа насока.

За ДУИ, предвремени парламентарни избори ќе нема и не треба да има.

– Не треба да има предвремени парламентарни избори и нема да има, бидејќи сме максимално заинтересирани за реализирање на програмските определби, кои се пред нас и за кои граѓаните ни дадоа мандат. Изборите не се решение, туку решение се адресирање на сите потреби и проблеми на граѓаните, велат од ДУИ.

Алијанса за Албанците тврди дека е подготвена за избори, кога и да се одржат, додавајќи дека сметаат оти на земјата ѝ треба ново мнозинство, нова власт, постабилна, чиста и која ќе се бори против корупцијата. Сепак, според партијата, приоритет број еден годинава треба да биде носењето на уставните измени, отпочнување на преговорите со ЕУ, како и усвојување на закони и механизми за борба против криминалот и корупцијата.

И од Алтернатива не гледаат посебна причина за предвремени парламентарни избори, но, велат, ако тие се случат, партијата е подготвена да учествува.

Според претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, предвремени избори во овој неповолен момент на економска и енергетска криза проследен со војна, која се случува на европскиот континент, не треба да има.

Движењето БЕСА смета оти Владата нема капацитет и политички легитимитет за преставување на граѓаните и затоа, според нив, изборите се неопходни. Оттаму веруваат дека во 2023 година треба да има предвремени парламентарни избори.

Левица смета дека предвремените парламентарни избори ќе значат „шанса за возобновување на македонските национални позиции, запирање на процесот на разнебитување на националните елементи и монументален исчекор кон конечната победа на мнозинството над волјата на малкумина“. Од партијата веруваат дека во следниот собраниски состав Левица ќе има двоцифрен број пратеници.