Ендрју Тејт останува зад решетки во Романија: Одредено му е месец дена притвор

367

Контроверзниот британско-американски инфлуенсер Ендрју Тејт ќе остане 30 дена во притвор во Романија, откако судот го прифати барањето на полицијата.

Тејт беше уапсен заедно со неговиот брат Тристан во четвртокот како дел од истрагата за наводите за трговија со луѓе и силување, кои тие ги негираат.

Властите ги сомничат двајцата, заедно со двајца Романци, за водење на „организирана криминална група“. Тристан и уште двајца беа приведени и од судот во Букурешт.

Адвокатот Еуген Видинеак рече дека ќе поднесе жалба на притворот.

„Не сме во фаза на докажување на вина или невиност, засега зборуваме само за превентивни мерки“, додаде тој, додавајќи за Би-Би-Си дека неговите клиенти ги отфрлаат сите обвинувања.

Ендрју Тејт (36) допрва треба директно да ги коментира наводите. Но, откако тој беше приведен, од неговиот Твитер профил беше испратен твит кој алудира на филмот „Матрикс“ од 1999 година.

„Матрикс ги испрати своите агенти“, се вели во објавата.

За време на рочиштето за притвор, двајцата браќа го задржаа правото да молчат, изјави нивниот адвокат за Би-Би-Си.